Генералниот секретар на НАТО, Андерс Фог Расмусен денеска изјави дека „правно издржаната закана со воени дејствија против Сирија“ и дала шанса на дипломатијата за елиминирање на сириското хемиско оружје, пренесува МИА
– Мислам дека правно издржаната закана за воени дејствија е причината поради која дипломатијата имаше шанса и, за да се запази инерцијата во дипломатскиот процес, варијантата за воени дејствија треба да остане на маса, изјави Расмусен по разговорот со британскиот премиер Дејвид Камерон во Лондон.
Генералниот секретар на НАТО додаде дека Советот за безбедност на ОН треба брзо да прифати „цврста резолуција“, за да го гарантира брзо, сигурно и проверливо елиминирање на сириските хемиски оружја, согласно неодамна постигнатата спогодба меѓу САД и Русија.
– Согласно меѓународното право, употребата на вакви оружја претставува злосторство и затоа треба да се побара одговорност од виновниците, потенцира Расмусен.