Во 12 часот по локално време, во грчкиот Парламент ќе започне седницата на чиј дневен ред е расправа за доверба на Владата, свикана по барање на премиерот, Алексис Ципрас, која ќе заврши утревечер со гласање доверба.
Иако претходно седницата беше закажана за 10 часот, почетокот, по барање на лидерот на Независни Грци, се одложи за 12 часот за да може да ја заврши церемонијата на примопредавање на министерската позиција во Министерството за одбрана.
Предвидено е расправата, со говор, да ја отвори и да ја затвори грчкиот премиер, а обраќања ќе имаат и лидерите на политичките партии.
Утревечер, веројатно околу полноќ ќе се гласа за доверба на Владата.
За Владата на Ципрас да добие доверба, потребно е позитивно да гласаат 151 од 300 пратеници колку што има грчкиот Парламент.

Пратеникот од Река, Спирос Данелис ќе гласа за доверба на грчката Влада, наспроти партискиот став, а со синоќешната негова одлука се чини дека Ципрас ги има неопходните151 глас, јави МИА од Атина.
Данелис на вчерашната средба со лидерот на партијата, Ставрос Теодоракис кој му дал ултиматум на пратеникот, му ја соопштил одлуката.
Ставот на Река е да не се гласа за доверба на Владата, но „за“ пак ратификацијата на Договорот од Преспа, и секој пратеник ќе гласа според своето лично убедување.
Не е исклучена можноста, според медиумите во Грција, Данелис да биде исклучен од пратеничката група на Река.
Учеството на Данелис на конференцијата посветена на Договорот од Преспа во неделата вечерта, на која што се обрати и грчкиот премиер, многумина ја коментираа како чекор кон поддршка за Владата.
Освен Данелис, позитивно за доверба на Владата ќе гласаат и четворица пратеници од Независни Грци, министерката за туризам Елена Кундура, заменикот министер за земјоделство, Василис Кокалис и пратениците Танасис Папахристопулос и Костас Зурарис, како и независната пратеничка и алтернативна министерка за цивилна заштита, Катерина Папакоста. Овие шест пратеници, заедно со 145. на СИРИЗА се доволни за Владата на Ципрас, на гласањето утревечер да добие доверба од Парламентот.
Каменос: Мора да се бориме против Договорот со сите средства
Лидерот на Независни Грци, Панос Каменос во интервју за централното издание на вестите на грчката телевизија Стар рече дека неговата партија ќе ги искористи сите средства што уставно му стојат на располагање да се бори Владата да не добие доверба, бидејќи тоа е поврзано со Договорот од Преспа и ќе направат сѐ што можат, во и надвор од Парламентот да го блокираат Договорот.

– Оваа влада бара гласање доверба за Договорот од Преспа, според тоа оваа влада нема доверба од нас. Дај Боже Ципрас да сменеше мислење, се потрудив многу околу тоа, објасни Каменос, кој рече дека тие ќе направат се и за да го блокираат Договорот од Преспа, а во недела ќе учествуваат на протестот закажан во Атина.
Лидерот на Независни Грци упати отворен повик до претседателот на Нова демократија, да го прифати неговиот услов „да не постои никакво решение со терминот Македонија, да не се продаде името Македонија и да не се преговара за договор како оној од Преспа со терминот Македонија“, и во тој случај, Каменос заедно со Мицотакис ќе потпише иницијатива за гласање недоверба на владата „за да падне оваа влада и следната влада да го спаси името Македонија“.
-Ние велиме никаква употреба на терминот Македонија и ова го вели мнозинството од грчкиот народ. Можеме сега да блокираме. Уште вечерва, Кирјакос Мицотакис како лидер на Нова демократија нека преземе одговорност и јас му ветувам дека утре наутро во Парламентот ќе ја потпишам иницијативата за гласање недоверба, порача Каменос, префрлајќи ја топката и упатувајќи обвинувања до опозициската Нова демократија.
Говорејќи за двајцата пратеници од Независни Грци кои останаа на нивните министерски позиции и решија да ја поддржат Владата рече дека тие го продале и го предале.
Лидерот на Независни Грци рече дека со Ципрас, како коалициски партнери, немале никакви несогласувања, се додека не дошло конкретното прашање.

-Два пати во овој случај, не си го задржа зборот. Првиот пат беше во однос на почетниот разговор да почне дијалог со Скопје за да видиме дали ќе има некое решение каде што се обврзаа и господинот Коѕијас и премиерот дека ќе биде по изборите, дека грчкиот народ ќе донесе одлука. Вториот пат беше кога рече дека одново ќе разговараме за тоа во март. Но, кон средината на декември јас сфатив дека се подготвуваше да дојде договорот, рече Каменос во интервјуто за ТВ Стар.
Мицотакис бара избори
Глас за доверба за Ципрас е еднакво на „да“ за Договорот од Преспа, рече претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, во интервјуто во централното издание на вестите на грчката телевизија Антена и додаде дека тоа значи продолжување на мандатот на владата која веќе има направено голема штета на земјата и упати повик до сите пратеници, „да ги земат предвид овие последици при нивниот избор“.
Мицотакис рече дека според изјавите на пратениците кои го поддржуваат Ципрас, веројатно е дека владата ќе добие 151 глас, колку што се потребни за изгласување доверба од Парламентот, пренесува МИА од Атина.
-Но, господинот Ципрас нема да ја ужива довербата од народот. И затоа повторувам дека најкоректното решение денес, најчистото решение се избори. Избори сега. Посакувам господинот Ципрас да не добие 151 глас, рече Мицотакис во интервјуто.
Тој го повтори ставот на неговата партија дека разделбата на коалициските партнери во грчката Влада всушност е договорена и режирана, а владата на СИРИЗА- Независни Грци и денес постои, бидејќи „едноставно се споија и веќе се едно“.
Прашан за тоа што тој како премиер би направил, доколку договорот е веќе ратификуван од грчкиот Парламент, Мицотакис рече дека треба да биде искрен и реален дека во тој случај „Скопје влегува во НАТО и нема враќање назад“.
-Од моментот кога овој договор ќе се ратификува од грчкиот Парламент и во исто време, во ист момент, ако не во ист момент, тогаш неколку дена подоцна, ќе се ратификува протоколот за интеграција во НАТО, Скопје влезе во НАТО. Готово е. Влегоа. Но, внимавајте, следниот ден не влегуваат во Европската унија. Сакам да бидам апсолутно јасен. Никогаш од мене нема да чуете: Му посакувам добредојде на македонскиот премиер во нашата земја“. Ова нема да го слушнете следниот ден. Патот на Скопје кон ЕУ е долг процес и е тек што во голема мера ќе зависи од тоа дали Скопје ќе покаже добрососедски односи со Грција, објасни Мицотакис.
Во случај да не помине договорот, лидерот на Нова демократија вели дека тогаш преговорите почнуваат од почеток.
-Договорот не постои ако не помине во парламентот. Постојат два случаи. Или да не биде изгласан од парламентот, што значи во овој случај законски почнуваме од нула или да се распишат избори- тоа е она што го посакувам јас – пред договорот да се ратификува од парламентот. Следната влада, преговорите ќе ги започне од почеток.
Лидерот на Нова демократија вели дека договорот е напишан на таков начин што постои и националност и идентитет.
-Видете го она што го кажува господинот Заев. Земете ги официјалните негови изјави. Што вели господинот Заев? „За прв пат од Грција го добив она што секогаш го барав, македонски јазик, македонски идентитет, македонска националност. Ние сме Македонци“, вели господинот Заев, се гордее со тоа и навистина договорот му дава можност да го кажува тоа. Со други зборови да ја монополизира Македонија. Ова е нешто што јас нема да го прифатам и сакам да уште еднаш бидам сосема јасен. Очигледно е дека ќе гласаме против договорот кога ќе дојде во парламентот, а во случај претходно да има избори, следната влада на Нова демократија нема да го ратификува договорот, рече Мицотакис за ТВ Антена, пренесе МИА.
Тој воедно истакна дека никогаш немал притисоци за Договорот од Преспа, а неговите ставови ги објаснил уште од прв момент пред Европската народна партија.





