Во текот на изминатата седмица во Република Македонија, бројот на заболените од грип се зголемил за 161 лице, кои се пријавиле во здравствените установи со симптоми на грип, соопштува Институтот за јавно здравје.
Вкупниот број на заболени од грип изнесува 746 лица. Во овој период нема регистрирани смртни случаи асоцирани со инфекции со вирусот на грип.
Во споредба со бројот на заболени во однос на истиот период лани се бележи зголемување за 4 пати, а во однос на просечниот број заболени во изминатиот 10-годишен период, се регистрираат 3,4 пати повеќе заболени лица.
Најмногу заболени од грип има во Тетово. Најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години (406 заболени лица), како и најмладите – децата до 4-годишна возраст (102 заболени лица).
Во текот на 51-вата недела, пристигнати се пет материјали за тестирање во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ и потврдено е присуство на инфлуенца вирус А/H1 во еден материјал, а останатите четири се негативни.
Од почетокот на сезоната 2013/2014, во оваа лабораторија се пристигнати вкупно 21 хуман материјал од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти, од кои 6 или 28,6% биле тестирани позитивни на вирусот на инфлуенца А/H1.
До крајот на 51-вата недела (од 16.12 – 22.12.2013 година), против сезонски грип се вакцинирани вкупно 23.970 лица и со тоа, потрошени се сите набавени вакцини во јавно-здравствените институции кои се овластени за вакцинација против грип.




