Договор за името повторно нема, разликите се околу двете спорни точки за кои неможат да се согласат ставовите на Македонија и Грција оцени посредникот во македонско-грчкиот спор Метју Нимиц по неговите посети во Атина и Скопје. Географската одредница е првото прашање околу кое не можат да се согласат двете земји. Атина инсистира таа да е пред терминот Македонија, а Скопје бара таа да остане пред терминот Република.
-Мислам дека името мора да го содржи зборот Македонија затоа што оваа земја е во регионот Македонија. Но, таа не е целиот регион, Македонија е голема област и беше поделена пред 100 години. Најголемиот дел од Македонија е во Грција, па затоа мора да има одредница за да се појасни дека има разлика. Јас предложив таква одредница, а грчката страна има став околу тоа каде се наоѓа одредницат. Владата тука има различен став за тоа и ова е значителна разлики, изјави Нимиц.
Според Нимиц и двете страни прифатиле името да го содржи зборот Македонија, но и да има одредница. Второто прашање околу кое не се согласуваат Атина и Скопје е употребата на евентуалното ново име – Грција бара име за севкупна употреба, Македонија не се согласува со тоа.
Нимиц потенцира дека предмет на преговорите е само името за официјална употреба – во меѓународни организации и на официјални документи, а не и начинот на кој земјата ќе се нарекува внатре.
-Моето име е Метју Нимиц и секогаш кога јас го употребувам моето име, го употребувам моето име. Не користам друго име. Тоа е нивната позиција. Но, тоа не значи дека кога зборувам со жена ми и таа мора да го користи името Метју Нимиц. Таа може да ме вика и поинаку. Но официјалното име на документ е моето официјално име“ вели Нимиц.
Посредникот ги демантираше информациите кои се појавија во одредени медиуми дека неговиот предлог освен географска содржи и етничка одредница „Славо-Македонска“. Нимиц попладнево се враќа во Солун, каде треба да се сретне уште еднаш со грчкиот преговарач Василакис, по што се враќа во Њујорк од каде ќе биде во контакт со двајцата преговарачи, како што вели „под услов двете страни да сакаат да продолжат со процесот“.




