Еврејската заедница во Република Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија реагира на колумна на Миленко Неделковски објавена на порталот „Дудинка“ со наслов Еврејското племе .
Според Еврејската заедница во земјава, колумнистот изнел огромен број ноторни невистини, провизорни констатации, злонамерни измислици и говор на омраза со кои јавно се шири антисемитизмот.
„Како кулминација, врвен монструозен заклучок и срамен чин е негирањето на Холокаустот. Негирањето на вистината за Холокаустот претставува акција на измама и заблуда, а уште пострашен е фактот што наметнувањето на искривена вистина е достапно до јавноста. Историјата на Евреите од Македонија од Стоби па натаму, вклучувајќи го огромното шпанско наследство, населувањето во Отоманската империја, Илинденското востание, фашистичката бугарска окупација, Народно ослободителната борба, настаните од Холокаустот со депортацијата и крајот во Треблинка, и уникатните аспекти од локалната и регионалната историја, па сè до сегашното присуство на Евреите во Македонија со својот придонес во општествениот, економскиот, научниот, културниот и уметничкиот живот, претставуваат докажана нераскинлива врска меѓу македонскиот и еврејскиот народ.
Во времето на целосната морална пропаст за време на депортациите на нашите роднини, сограѓани и пријатели постоеја луѓе – Македонци, кои ризикувајќи ги сопствените животи, собраа исклучителна храброст да ги задржат човековите вредности – тоа се праведниците, спасители на Евреите.
Повторуваме: Холокаустот е геноцид врз еврејскиот народ извршен систематски и легално, што претставува уникатен случај во историјата на човештвото. Во деновите кога Еврејската заедница и Република Македонија ја чествуваме 73 годишнината од депортирањето на 98% од еврејското население во Македонија остро се спротивставуваме на ширењето на антисемитизмот, негирањето на Холокаустот, дискриминацијата, расизмот, ксенофобијата, шовинизмот и ислученоста. Затоа апелираме за јавна осуда и бараме искоренување на ваквите девијантни појави од сите чинители на општественото живеење.“ се вели во реакцијата.
Според Неделковски, племето Ашкенази е творец на митот за 6 милиони погубени Евреи во Втората светска војна, „иако таа бројка никогаш не е докажана“. „Семејството Ашкенази се креатoри на перцепцијата дека Евреите се најголемите жртви на нацистичката солдатеска заради 6 милиони мртви. Но, вистината кажува дека Русите губат 20 милиони луѓе, што е три и пол пати повеќе“, вели Неделковски и додава дека и Адолф Хитлер во себе имал еврејско потекло. „Ашкенази се причина што во Кулите близначки немалo ниту еден Евреин за време на колапсот на трите згради во Њујорк“, додава водителот.
Колумната на Неделковски целосно може да ја прочитате тука




