„Оставка на Заев по големиот пораз на локалните избори“; „Зоран Заев: Следниот ден во Северна Македонија по оставката – „Не“ за предвремени избори“; „Северна Македонија: Зоран Заев си поднесе оставка“, се дел од насловите во грчките медиуми.

Оставката на Зоран Заев и од премиерската функција и од позицијата претседател на СДСМ, од доцна синоќа е меѓу главните вести во медиумите во Грција, кои ја пренесуваат информацијата, без дополнително да анализираат или коментираат, јави дописничката на МИА од Атина.

„Оставка на Заев по големиот пораз на локалните избори“; „Зоран Заев: Следниот ден во Северна Македонија по оставката – „Не“ за предвремени избори“; „Северна Македонија: Зоран Заев си поднесе оставка“, се дел од насловите во грчките медиуми.

Поголемиот дел го пренесуваат текстот од грчката новинска агенција АНА-МПА, во кој пишува дека во вчерашниот втор круг од локалните избори „партијата на Зоран Заев претрпе голем пораз“ и додава дека „големиот победник на локалните избори беше десничарската опозиција ВМРО-ДПМНЕ“.

-Оставката на Зоран Заев од премиерската функција, сепак не мора да значи и одржување на предвремени парламентарни избори во Северна Македонија. Самиот Заев во изјавата за оставка повтори дека актуелната влада има уште две и пол години за да го заврши својот мандат и треба да продолжи со својата работа, пишува АНА-МПА.

Ги објаснува можните сценарија и додава дека „сигурно е дека од денеска Северна Македонија има Влада во оставка“.

Информативниот портал „Етнос“, исто така ја пренесува изјавата на Заев дека не се потребни предвремени избори, но пишува и што предвидува Уставот во случај на оставка на премиерот.

Дел од онлајн изданијата на медиумите, како и информативните портали, доцна синоќа веднаш по прес конференцијата на Заев, како вонредна вест, информираа за неговата оставка.

Српските медиуми за оставката на Заев

Премиерот на Северне Македоније и лидерот СДСМ, Зоран Заев, поднесе  оставка на двете функции по дебаклот на неговата партија на локалните  избори. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара вонредни парламентарни избори и тврди дека власта го загубила легитимитетот, јави синоќа РТС.

Партијата на Зоран Заев, СДСМ, која е владеачка на државно ниво, ги загуби локалните избори во неколку поголеми градови, меѓу који и во Скопје.

И српските медиуми Блиц и Бета  доцна синоќа информираа за оставката на премиерот, тие се надоврзаа на резултатите од изборите во нивните текстови, напишувајќи дека кандидатката Данела Арсовска е првата жена градоначалничка на Скопје.

Реакции во Бугарија

Вториот круг од локалните избори во Северна Македонија е главна тема во бугарските печатени изданија и електронски медиуми, јави дописникот на МИА од Софија.

Темата со локалните избори по кои уследи оставката на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, беше објавена во сите медиуми, без да се даваат коментари за тоа.

Софиското издание „Дневник“, по информацијата дека Зоран Заев поднел оставка од премиерската функција, наведува цитат од Заев од пред неколку дена, според кој, зад победата на ВМРО-ДПМНЕ стојат надворешни сили.

Изданието „24 часа“ објавува дека Данела Арсовска, која е прогласена за „Бугарка“, станала градоначалник на Скопје, а премиерот Зоран Заев поднел оставка.

БНТ објавува дека од половината преброени гласачки ливчиња од ДИК во Северна Македонија, се утврдило дека кандидатите за градоначалници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ имаат огромна предност пред тие од владејачката СДСМ на премиерот Зоран Заев, како и оти партијата на Али Ахмети го изгуби Тетово и Гостивар.

На истата тема пишуваат и весникот „СЕГА“, информирајќи кусо за оставката на Заев, а националното радио БНР исто така информира за вториот круг од локалните избори во државава, што завршија синоќа.