Државната комисија за спречување на корупција е одговорна и надлежна институција за спроведување мерки за спречување на корупцијата во вршењето на власта и вршењето на јавните овластувања, особено за време на избори. Антикорупциската комисија ја продолжува праксата на заштита на функционерите од власта и нејзино непостапување и кога се работи за важниот предизборен период, рече денеска Форсина Ременски од СДСМ.
Според неа државната комисија за спречување на корупција скоро и да нема постапено според обврските на Комисијата пропишани во Законот за спречување на корупцијата што се однесуваат на периодот од денот на донесување на одлуката за избори, па се до завршување на изборите.
– Согласно членот 11 од Законот за спречување на корупција и членот 8-а од Изборниот законик, Државната комисија за спречување на корупција има право и обврска:
– да го провери начинот на користење и располагање со буџетските средства на РМ, средствата на буџетите на општините и градот Скопје, јавните фондови и средствата на јавните претпријатија и јавните установи;
– да провери и утврди дали започнатите градби на нови објекти во инфраструктурата како патишта, водоводи, канализации, училишта, градинки и други објекти се со средствата од Буџетот, јавни фондови и претпријатија;
– да провери дали се вршат вонредни исплати и финансиски трансфери од буџетски средства или средства од јавните фондови.
Имајќи ги предвид овие законски надлежности и обврски на Државната комисија за спречување на корупција, СДСМ бара Комисијата да постапи и да даде одговор дали интензивираните активности на Груевски и власта на теренот се предвидени во програмата на Владата и за кога била предвидена нивната реализација.
– Дали започнувањето на изградбата на канализација во општина Василево на денот на распишување на претседателските избори во присуство на вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, е кршење на одредбите од Изборниот законик и неисполнување на обврската на Државната комисија за спречување на корупција?
– Дали започнувањето на изградба на локален пат во општина Градско на 02.02.2014 година, во присуство на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Зоран Коњановски, е кршење на одредбите од Изборниот законик и неисполнување на обврската на Државната комисија за спречување на корупција?
– Дали барањето на Владата до општините, за обесштетувањето на граѓаните кои пријавиле штета од елементарните непогоди во 2009-та година, четири години подоцна, е кршење на одредбите од Изборниот законик и неисполнување на обврската на Државната комисија за спречување на корупција?
СДСМ веќе побара од Антикорупциската комисија да го испита случајот реклами од страна на скопскиот градоначалник, Коце Трајановски.




