Претставници на „Репортери без граници“, денеска во Скопје појаснија зошто Македонија вртоглаво тоне на листата на земји и според слободата на медиумите оваа година се најде на 123 место во светот.
– Во извештајот што го објавивме на 12 февруари, Македонија се најде на 123 -то место што за 4 години е вртоглав пад од 87 места поназад, тоа јасно говори за ерозија на слободата на изразувањето во медиумите, односно слободата на информирање, рече Антоан Ери, шеф на канцеларијата на „Репортери без граници“ за ЕУ и Балканот.
На прашањето зошто Македонија постојано паѓа на нивното рангирање, Ери рече:
-Контекстот во Македонија е во исто време и едноставен и сложен. Едноставен е, зашто се опишува со еден збор: автоцензура. Автоцензурата достигна таков степен, што новинарите мораат да ја извршуваат професијата во клима која е сè потешка, дури и задушлива. Македонските власти имаат влијание кое е нетолерантно кон редакциите и има изразен интервенционизам и жал ни е поради тоа, рече Ери.
Антоан Ери во својата анализа не ја изостави ниту судската власт.
-Треба да ја споменеме и судската власт. Новинарите и медиумите систематски се потчинети на високи парични казни. Видовме во случајот со „Фокус“. Имаме впечаток дека правдата не е овде да ја заштити слободата на информирање, туку да постави ограничувања на медиумите, рече Ери.
Според него, власта кон медиумите се однесува на начин кој е недозволив за една земја кандидат за ЕУ.
Притворањето на новинарот Томислав Кежаровски и сомнителните околности на смртта на Никола Младенов имале влијание врз рејтингот на земјава.
Претставниците на Репоретри без граници учествуваа на Конференцијата на тема „Слобода на медиумите Споредба на правната практика во Франција и Македонија“ која се одржа во организација на Меѓународниот институт за човекови права и мир и Амбасадата на Франција.




