Шефот на дипломатијата Никола Димитров, на првиот ден од посетата на Вашингтон, се сретна со помошник државниот секретар Филип Рикер, како и со конгресменот Брендан Бојл.
– Со нетрпение ве очекуваме во НАТО. Реформите, особено во однос на Специјалното јавно обвинителство се императив и неопходно е да се зачува независноста на СЈО во рамките на Јавното обвинителство и неговиот капацитет, во интерес на правдата и одговорноста за корупција, му порача помошник-државниот секретар на САД Рикер, на министерот Димитров.
Конгресменот Бојл, како што соопшти МНР го посочил Договорот од Преспа како соодветен пример за надминување на конфликтни ситуации, не само во нашиот регион туку и пошироко.
Димитров искажа благодарност за покажаната поддршка од страна на Конгресот, и очекување дека САД, како наш докажан партнер, без застој ќе го ратификува Протоколот за полноправно членство во НАТО.
Министерството, во соопштението додава дека на линија со традиционално добрите односи со нашиот сосед Албанија, Димитров и шефот на албанската дипломатија Гент Цакај, кој исто така е во Вашингтон ја потпишаа Спогодбата за основање Културно-информативни центри во Северна Македонија и во Албанија.
Денеска министерот Димитров ќе присуствува на обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
Со почеток во 13 часот (по локално време), министерот Димитров, заедно со грчкиот колега, ќе учествува на сесија на NATO ENGAGES, посветена на „Наследството и улогата на НАТО политиката на отворени врати“, по што следуваат заедничко интервју со МНР Катругалос, како и интервју за „Гласот на Америка“.
По приемот за одбележување на 70-годишнината од формирањето на Алијансата, министерот Димитров ќе оствари средба со државниот секретар на САД, Мајк Помпео. Во текот на денот планирани се и повеќе билатерални средби.




