Доколку се случи предвремени парламентарни избори да отпочнат во вториот круг на претседателските избори, тогаш пред нас се јавува еден сериозен проблем, вели Никола Рилкоски, претседател на Државната изборна комисија во интервју на Радио Слободна Европа.
Рилковски вели дека се јавува еден сериозен проблем, во делот каде што ќе се испомешаат датумите на едната кампања, на другата кампања и на молкот.
– Државната изборна комисија има и капацитет и искуство, меѓутоа ако ова се случи мислам дека за првпат ќе се случи едно такво поклопување на термините, така што не е во прашање за капацитетот на ДИК, туку во прашање е изнајдување модуси како да ја пребродиме таа ситуација – вели Рилкоски.
Тој нагласи дека ДИК се подготвува, но, не е подготвена дефинитивно, затоа што има непознаници. Рилковски очекува сите да вложат максимум напори за да го испочитуваат изборниот законик, се со цел да покажат волја и спремност дека тој ќе се спроведува.
– За конечно пречистен текст на избирачкиот список не можам да речам, иако од почетокот на моето доаѓање и онака како што зацртавме во самата изборна комисија евентуално да дојдеме до такво нешто, не стигнавме. А тоа беше нашата заложба, ние во целост како Државна изборна комисија да го имаме списокот и да го обработуваме. До овој момент не е така, бидејќи онаа обработка која се заснова на техниката на обработка на избирачките списоци, методологија сè уште се наоѓа во Државниот завод за статистика. Во оној момент кога ние ќе можеме сами да го правиме тоа што го чини Државниот завод за статистика, тогаш ќе можеме, бидејќи веќе и одговорноста ќе е наша. Тогаш ќе можеме да речеме, да ние го сработивме и гарантираме дека изборниот список е во целост исчистен. Во тој дел ние донесовме само одлука дека сме спремни – вели Рилкоски.
ДИК побарала од Владата да го преземе тој дел, но оттаму сè уште не добила одговор.




