Се согласувам дека роковите се нашиот најголем непријател но треба да знеме дека Специјалното јавно обвинителство (СЈО) води и голем број предистражни и истражни постапки. Имаме и меѓународни предистражни постапки кои бараат повеќе време и во таа смисла треба да се има предвид времето за донесување на конечни одлуки на СЈО, изјави денеска специјалната обвинителка Ленче Ристоска на завршната Конференција на Мрежа 23, „Поглавје 23: Пандорината кутија или клуч за добро владеење?“
„Работата на СЈО имаше реперкусии во целиот правен систем и воведе нова судска пракса. Прислушуваните разговори станаа докази и сега тие се дел од правосудниот систем. Друга иновативност е организациската поставеност на СЈО и начинот на работа на обвинителството. Тимска работа и мултидисциплинарен пристап во истрагите. СЈО и во иднина ќе отвора истраги затоа што тоа е наша обврска“, рече Ристоска зборувајќи за очекувањата од работата на специјалното обвинителство а во контекст на идните предизвици на ова обвинителство во однос на нивната натамошна трансформација.
Според Ристоска најзначајно нешто што го карактеризира СЈО е автономноста и капацитетот да влијае на неказнивоста која во речи си сите меѓународни извештаи се детектира како главен проблем на правосудството во Македонија.
„Реформите не би биле целосни без работата на СЈО. Автономноста треба да се задржи и да се прошири со надлежност за гонење на високата корупција“, рече Ристоска.
Заменик јавниот обвинител Воислав Гавровски пак смета дека мора да се внимава со трансформацијата на СЈО затоа што, како што рече тој, најважно е да се разграничат надлежностите на Специјалното обвинителство и оние на обвинителството за организиран криминал и корупција,
„Особено мора да се внимава во делот на високата корупција и кривичните дела сторени од високи и именувани функционери во власта“, смета Гавровски.
Покрај ова, како најголем проблем во реформите на Јавното обвинителство, Гавровски го посочи немањето на доволен број обвинители како и реформата на Советот на јавни обвинители.
Со стратегијата се детектирани сите слабости околу функционирањето на ЈО и Советот на ЈО
„Имаме недостиг на околу 50-60 обвинители. Дел од нив ќе се пензионираат а дел затоа што беа избрани во СЈО. Затоа изборот на обвинители треба да се прошири од редовите на адвокатите, професорите, зашто и во Академијата за судии и јавни обвинители има само 15 кандидати кои се на обука. Ако вака се продолжи обвинителството ќе доживее колапс“, рече Гавровски.
Судијата Лазар Нанев смета дека со еден од најголемите проблеми со кои се соочува правосудството во земјава е „лошиот избор на судии“ со што се урива угледот на судиите а со тоа расте недовербата во судството.
„Ова не е проблем на извршната власт туку на судиите кои не сакаат да ги прифатат промените за да не си го нарушат комодитетот. При изборот на судии не се води сметка за мерит системот. Близу 50 отсто од избраните судии во годините на назад доаѓаа од државната администрација кои беа директно избирани во апелациските судови како и во Врховниот суд. Тоа продолжи и со последните два избори на судии со што, за жал, се покажа ранливото ткиво на судскиот систем. Затоа на судството му треба и мора да се спроведе нова организациска и структурна поставеност“, смета Нанев.
На денешната конференција Конференција на Мрежа 23, „Поглавје 23: Пандорината кутија или клуч за добро владеење?“, покрај за реформите во правосудството, експерти од балканските земји дискутираат и за борбата против корупцијата како и за почитувањето и борбата за темелните човекови права.




