Меѓународната заедница мора брзо и силно да одговори на употребата на хемиско оружје во Сирија, но Русија останува клучна земја за изнаоѓање политичко решение, изјави денеска претседателот на Европскиот совет Херман Ван Ромпуј.
– На нас, меѓународната заедница, паѓа одговорноста да го запреме крвопролевањето, да ги изнесеме сторителите пред лицето на правдата и да спречиме создавање опасен преседан, изјави Ван Ромпуј пред студентите на универзитетот во Санкт Петербург пред денешниот Самит на Г-20, пренесува МИА.
Иако не го обвини директно сирискиот режим за употребата на хемиско оружје против бунтовниците, претседателот на Европскиот совет ја поддржа меѓународната воена интервенција за која се залагаат САД и Франција, а на што Русија остро се противи.
– Одговорот мора да биде јасен и силен, изјави Ван Ромпуј, но предупреди дека сирискиот конфликт нема воено решение и дека тоа мора да биде резултат на политички процес. Русија тука има клучна улога, истакна Ромпуј.
Ван Ромпуј призна дека погледите на ЕУ и Русија на случувањата на Блискиот Исток значително се разликуваат, но нагласи дека со добра волја тие разлики може да се надминат.