На Клиниката за гинекологија нема нова технологија, опремата е стара 20 години, нема доволно современ медицински материјал бидејќи не е регистриран во државата. Со тоа се намалени тераписките можности за спас на недоносените бебиња кои се под голем ризик, објаснува др. Снежана Рсовац, педијатар,пулмолог и началник на педијатриската Интензивна нега при Универзитетската детска клиника во Белград.

„Модерната медицина е скапа, но носи бенефит. На Клиниката нема доволно основен медицински потрошен материјал, опремата е стара 20 години. Нема централни венски линии бидејќи ако се стават кратки бронили, може да дојде до инфекции, воспаление на вената, а не сте решиле  ништо. Ги нема бидејќи фармацевтските куќи не ги увезуваат и не се регистрирани во државата, нема современи лекови, нема инхалотoрeн азот оксид кој е водечки за третирање на белодробни  хипертензии кај бебиња, вие немате многу работи. Немате доволно медицински сестри кои во интензивната нега кај недоносените бебиња се исто толку важни како и лекарите“, вели во ПРОЦЕС, др. Рсовац.

Таа во Македонија е еден месец, а на Клиниката за гинекологија и акушерство престојува како експерт кој треба да помогне да се намали смртноста на новороденчињата.

Докторка Рсовас во ПРОЦЕС говори кои се главните причини за високиот процент на смртност на бебињата, што треба да се направи за да се надмине  проблемот кој се криел и се ставал под тепих во изминатите 10 години, на кој начин таа работи на доедукација на медицинските сестри и лекарите, на подобрување на меѓучовечките односи на персоналот, за болничките инфекции и причините за компликации кај бремените жени.

Користејќи ги искуствата од тоа како Србија го намалила процентот на смртност, експертката апелира до фирмите да донираат се што е потребно за бебињата бидејќи тоа ќе биде чекор напред во намалување на смртноста на недоносените бебиња. Во Македонија е на покана на директорката на Гинекологија, Викторија Јовановска и на министерот за здравство Венко Филипче, а планирано е на клиниката да остане три месеци.