Русија изврши уште еден масовен напад врз Киев во кој се убиени девет лица, а 46 се повредени, објави „Ројтерс“. Москва известува дека ги нападнале одбранбената индустрија и енергетските компании во Киев. На бројни видеа што доаѓаат од Киев, може да се видат згради како горат во пламен.
Во текот на ноќта, руските вооружени сили започнаа масовен напад како одговор на украинските напади, насочени кон одбранбената индустрија и енергетските компании во Киев и околниот регион, како и инфраструктурата на воените аеродроми во регионите Днепропетровск, Полтава, Черкаси, Чернихив и Киев, објави утрово руското Министерство за одбрана.
Во соопштението се наведува дека руските вооружени сили започнале масовен напад користејќи прецизно оружје со долг дострел од копно, воздух и море, како и беспилотни летала, објави Тасс.
Во соопштението се тврди дека во тие напади биле оштетени воено-индустриските комплекси, објектите на горивната и енергетската индустрија во Киевскиот регион и Киев, како и инфраструктурата на воените аеродроми во регионите Днепропетровск, Полтава, Черкаси, Чернихив и Киев.
Бројот на загинати во рускиот напад врз Кијив во текот на ноќта се зголеми на девет, а бројот на повредени на 46, објави началникот на градската воена администрација, Тимур Ткаченко.
Руското Министерство за одбрана објави дека Украина го отфрлила предлогот на Москва за спроведување хуманитарна операција за преземање на телата на загинатите припадници на украинските вооружени сили во Константиновка.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека Русија планира да воспостави безбедносна или тампон зона по должината на границата со Украина, наведувајќи дека овој потег е условен, како што рече, од „агресивната природа на режимот во Киев“.
Тој истакна дека „ослободувањето“ на Константиновка е „многу важна линија“ и важен чекор кон преземање контрола врз, како што рече, утврдената област Краматорск и Славјанск.




