Пишува: Борис Камчев

Откако пред точно една година државната Дума ги презакажа парламенатрните избори на три месеци порано, од ноември во сепетмври 2016, се случија неколку немили настани што ја дискредитираа и онака слабата позиција на руските либерали.

Во Русија не постои институционална опозиција, односно партија или група на партии кои  преку свои претставници учествуваат во парламентарна  дебата со власта на  централно ниво. Со ретки исклучоци во регионалната и општинската власт, главно контролирани од владината „Единствена Русија,“ партија-приврзок на Кремљ. Репресивниот владин апарат и лажливата, тотална пропаганда на дискредитација добро се погрижија рејтингот на либераните опозициски партии, собрани околу демократската коалиција Парнас, да биде незначителен.

Од друга страна, главните владини медиуми и политичкиот естабилишмент за некаква „опозиција“ ги сметаат ЛДПР на Владимир Жириновски и КПРФ на Генадиј Зјуганов, лидери чии идентитети се срасанати со нивите партии. Националистот Жириновски и комунистот Зјуганов, мастадонти од советската и постовеската ера, во руската политика се одржаа заради својот лакејски однос кон Владимир Путин. Ним подоцна, во 2006, им се приклучи и „Праведна Русија“ на Сергеј Миронов, една камелеон партија, спин од кампањата за претседателски избори во 2004. Миронов тогаш беше противкандидат за одвлекување на гласовите кон Путин од посериозните противници како Ирина Хакамада. Рускиот претседател оттогаш почна да го консолидира својот централизиран режим на власт.

Во пресрет на најавите за презакажување на изборите, руските политиколози и аналитичари наоѓаа разни причини зошто имено сега е донесена таква одлука. Тоа беше исчекор од забетонираниот распоред од 2000-те, парламентарни во ноември, претседателски во март. Некои велеа со ова Путин укажува дека и претседателските избори во 2018 ќе бидат пренесени на некоја порана дата и дека тоа сигнализира повлекување и слични фантазии. Но ова не може никако поинаку да се искоментира освен како уште една специјална операција на силовиките (силовик, збор што доаѓа од терминот силовие структури, буквално значи претставници на министерствата за сила, чии началници фактички господарат со Русија). Тие оперираат непречено во услови на  систем на груб волунтаризам и клановска поделба на власта, и контролирано судство, значи неказниво.

Слична таква спец-операција се случи во 2008 кога со промена на Уставот, претседателскиот мандат од 4 беше продолжен на 6 години, воедно и мандатот на Думата од 4 беше продолжен на 5 години. Ова дерогирање на демократските процеси во Русија фрапантно се поклопува со појавата на авторитаризмот кај македонскиот екс-премиерот Никола Груевски и најавата на проектот Скопје 2014. Тоа укажува дека уште од 2008-2009 Кремљ стои во заштита на долгогодишноста на промосковскиот режим во Македонија.

Има едно многу логично објаснување за одложување на думските избори. Едноставно, три-четири месеци порано во екот на летниот период мнозинство од Русите се на патувања или летни одмори. Со цел предизборната кампања да помине со што е можно помалку џева и учесници, во тивок период од годината, а не во шпиц сезона на есен. Власта, очигледно се плаши од нов масовен изблик на незадоволство како оној после фалсификуваните парламентарно избори во ноември 2011, и масовните антипутински протести во мај 2012, и сака да осигура мирно летно пред и пост изборие во август и септември. Кога луѓето традиционално се наоѓаат надвор од урбаните центри, на годишни одмори или по своите дачи.

Што се однесува до либералната опозиција, по сѐ изгледа нивниот проект за потранспаранетен избор на кандидати, демократски прајмериз, систем преземен од традициите за избор на претседателски кандидати во САД, пропадна. Ова се случа откако принципиелните лидери на коалицијата, Алексеј Наваљни, Иља Јашин и Владимир Милов (сите предводници на одделни партии, знак на  раслоеност на руската опозиција) пред месец дена ја прекинаа соработката со Михаил Касјанов, кој требаше да го возглави коалициониот список за изборите на 4 септември.

Биографијата на Касјанов како жесток критичар на Путин и искусен политичар е неспорна. Тој е еден од ретките салонски претставници критичари на власта кои останаа во Русија и имаат увид во функционирањето на путинскиот систем а кои застанале во одбрана на човековите права и слободи од дехуманизираниот коруптивен режим. Посебно по убиството на Борис  Немцов, поранешен вице-премир и опозиционер. Касјанов премиеруваше пред и по доаѓањето на наследникот на Елцин во 2000. Во 2003 Путин го отстрани од функцијата токму поради неговите реформски и либерални проекти. Тој, на пример, се противеше на апсењето на Михаил Ходорковски, шефот на нафтениот гигант Јукос. Помеѓу повозрасните Руси познат и како „Миша два процента“, Касјанов го обели образот од корумпиран политичар во матните 1990-ти во реформатор и државник годините потоа. Успешните реформи под негова палка овозможија руската легислатива да работи во полза на слободниот пазар (барем оној дел од економијата не заземен од силовиките).

Оваа беспрекорна биографија стана, за жал, оцрнета откако владината телевизија НТВ неодамна емитуваше анти-опозициски филм, еден од серијата такви документарци за дискредиција и омаловажување на лидерите на руската либерална опозиција. Касјанов ден, беше прикажан на 1 април и во филмот се појавува една подмолна, компромитирачка видео снимка со интимни односи помеѓу него и неговата љубовница, активистката на Парнас Наталија Пелевина. Во снимката јасно се распознава карактеристичната боја на гласот на Касјанов и критиките што обајцата ги изустуваат против Навални и Јашин.

Иако првично тој сакаше да докаже дека е монтажа, фактите укажуваат дека снимката е автентична. Пелевина го даде на суд НТВ за упад во нејзината приватност, телевизијата возврати со тужба дека таа ја подметнала камерата за мрсна сума пари. Видео лентата, несомнено, нанесе страшен удар врз репутацијата на Касјанов и неговите соборци. Емитувана во стилот на неколку такви претходни компромати на познати фаци од рускиот шоубизнис и политика, и токму на време, кога требаше да се одржи главниот прајмериз и тој да биде избран за носител на листата, снимката стана катализатор за внатрешен раскол во коалицијата.

Недоразбирања имаше и дотогаш. Како на пример прашањето дали Касјанов треба да го предводи списокот не учествувајќи на главниот прајмериз. Тука беше и нискиот одзив на регионалните прајмеризи, но и укажувањата на некои познавачи дека самиот процес на избор на кандидати, преземен од американските демократски практики, не е соодветен во услови на длабоката сибирска провинција каде до избирачите треба да се дојде лично, со мејнстрим кампања: Бини, настапи, митинзи, разговори. Навални и Јашин беа подготвени на тоа, но не и салонскиот и секогаш сериозен Касјанов. Се споменуваше и финансирањето  за таква сеопфатна кампања, што, во услови на постојан пропаганден терор, сопки и манипулации од центарот, се недостижни за Парнас.

Конечно, до излегувањето на текстот во печат, не се знае дали коалицијата ќе опстане откако започна да се осипува со барања за учество во презакажаниот главен прајмериз во Москва (треба да се одржи на 28 и 29 мај) на такви сомнителни типови како неонацистот Александар Белов кој е во затвор и на други националисти, инфилтрирани од власта.

Претставниците на „Партија на прогресот“ на Навални го отажаа своето учество. Од коалицијата истапи и „Демократски избор“ на Милов. Свесни дека и овој обид на опозицијата обединето да учествува на изборите во септември беше подмолно и скандалозно осуетен, резултат на постојаните црни медиумски кампањи и етикетирања на противниците на власта како петтоколонаши, платеници на Америка, странски агенти итн. Речник што кај нас е одамна пресаден во дискурсот на шарлатаните-пропагандисти на Грујо.

Лани, на 27 фебруари, токму пред големиот антивладен и антивоен митинг што се организираше со месеци, на неколку чекори од тврдината Кремљ, се случи страшното убиство на Немцов и тоа во присуство на неговата девојка. Годинава имаме упад во интимните односи на Касјанов со љубовница што предизвика раскол и судир на суети помеѓу лидерите во коалицијата. Но и пад на исклучителниот политичар во немилост на јавноста.

Специјалните служби под контрола на Кремљ беспрекорно ги извршуваат налозите на нивните работодавачи и трагедијата на руската либерална опозиција се повторува од еден изборен циклус во друг.