Документите од тајните служби до кои дојдоа ОССРП, НОВАТВ и КРИК покажуваа како руски и српски оперативци работеле на оддалечување од евроатлантските интеграции на и онака ранливата Македонија.

Пишуваат: Сашка Цветковска, Аубри Белфорд, Биљана Секуловска, Маја Јовановска, Стеван Дојчиновиќ.

Ова е заедничко истражување помеѓу НОВАТВ и партнерите ОССРП (Мрежата за известување за оганизиран криминал и корупција OCCRP) и Српската мрежа за истражување кримнал и корупција КРИК во партнерство  со британскиот весник „Гардијан“.

Руски шпиони и дипломати биле вклучени во речиси децениски долги напори за ширење пропаганда и провоцириње раздор во Македонија како дел од пошироки регионални напори за спречување на балканските држави да му се придружат на НАТО. Ова се заклучоците кои доаѓаат по траншата на документи од тајните македонски служби до кои дојдоа партнерите, а врз кои што тимот новинари од  четири држави правеше повеќенеделна проверка и потврда на фактите.

Оваа колекција од службени извештаи, исто така, ги опишува и напорите на српското разузнавање за поддршка на анти-западните и про-руските националисти во Македонија. Тие за прв пат го обезбедуваат досега најчистиот приказ врз руските тековни обиди за зголемување на своето влијание врз земјите од поранешна Југославија и напорите за оттргнување на регионот од Западот. Во април годинава парламентот во Црна Гора гласаше за земјата да стане најновата члена на НАТО. Македонија и Босна и Херцеговина се кандидати за членство, а дури и Србија ги продлабочи своите врски на одбранбен план и покрај нивното длабоко незадоволство од трансатланската алијанса кои изведоа воздушни напади врз земјата во 1999 година.

Руските и српските напори допринесоа за комплексната политичка криза во Македонија во и онака поделената земја на етнички план особено со  немирното албанско малцинство кое што сочинува четвртина од населението во земјата.

Според еден од извештаите подготвен на почетокот на годинава за шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, во последните 9 години Македонија е „под силна субверзивна пропаганда и разузнавачки активности спроведувани преку Амбасадата на Руската федерација“. Почетокот на руските активности во Македонија коинцидира со уназадувањето на македонските напори за приклучување кон НАТО во 2008 година кога Грција става вето поради долгогодишниот спор со името.

Средба помеѓу рускиот претседател Владимир Путин и македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, мај 2017

„Со употреба на сите техники и методологии на такаранечената мека моќ, како дел од стратегијата на Руската федерација на Балканот, целта е изолација на земјата (Македонија) од влијанијата на Западоот“, се вели во еден од документите.  „Уште повеќе, руската надворешна политика е во тесна врска со енергетската стратегија чија што цел е контрола врз стратешките енергетски ресурси преку партнерства со балканските држави“, пишува во еден од извештаите според коишто долгорочната цел на Русија е да ја смести Македонија во состојба на „ексклузивна зависност од руските политики“.

Руските разузнавачки активности се спроведуваат од нивната амбасада во Скопје преку три агента на руското надворешно разузнавање (СВР), набљудувани од станицата на СВР во Белград, како и преку четворица воени разузнавачи координирани преку Софија, Бугарија, тврдат документите.

Исто така, помеѓу вмешаните се и локални претставници на новинската државна руска агенција ТАСС и претставник на Rossotrudnichestvo, руска владина агенција за помош која што, според Вашингтон Пост, претходно била истражуваана од страна на ФБИ за обиди за регрутирање тајни извори во институциите на САД.

Руските агенти работеле и на регрутирање сегашни и поранешни припадници на Македонската армија и министерството за внатрешни работи со цел креираат „критична маса од воено обучени лица кои во одреден важен политички момент или ситуациија би биле корисни за постигнување на руските интереси“, се вели во еден од документите, но тие не откриваат дали овие обиди биле успешни.

Руските агенти преку парични фондови се обиделе да влијаат и врз македонски медиуми, но и медиуми на албански јазик во Македонија со цел „да шират информации и дезинформации за поддршка на руските политики“, се вели во документите.

Иако Македонија е партнер на Западот од нејзината независност во 1990 годна, руското влијание во изминативе неколку години се зголеми. На пример, документите ги посочуваат руските почесни конзулати во Битола и Охрид како „разузнавачки бази“. Тие, заедно со почесниот конзулат во Скопје, се отворени минатата пролет во исто време.

Русија, исто така, и има фрлено око на Македонија во однос на гасот и односите со Европа. Руската компанија „Стројтрансгаз“ започна со конструкција на гасни делници во земјата уште во 2015 година. Трошоците изнесуваа 75,7 милиони долари коишто во поголемиот дел беа покриени од Русија преку подмирувањето на клиринишкиот долг кон Македонија од 60 милиони долари наследен од Советскиот сојуз.

Русија, исто така, драстично го зголеми своето културолошко влијание во земјата туркајќи ја идејата за пан-словенски идентитет и заедничката Православна црква, се вели во документот.

Руската амбасада го надгледуваше отворањето на околу 30 македонско-руски пријателски асоцијации во земјата, како и отворањето на рускиот културен центар во Скопје, но и спонзорирањето на изградбата на руски цркви и крстови низ земјата, се вели во документите.

Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко ја осветува руската црква во Аеродром, Скопје 2014

 

Руските напори се чини дека имаат некаков ефект. На пример, македонската влада одби да се приклучи кон санкциите кон Русија во 2014 година поради воените интервенции во Украина, велејќи дека тоа би имало одраз врз економијата.

Но во македонската политика рускиот пристап  е голо партиски. Кремљ беше нескриен и силен поддржувач на доскоро владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ водена од Никола Груевски кој даде оставка од позицијата премиер согласно Договорот од Пржино во 2015 година. Договорот дојде како обид за излез од тешката криза во која западна земјата по скандалот со прислушувањто на десетици илјади граѓани, како и корупциските афери кои го следеа, а се потврдија и со тие скандали.

По изборите во декември 2016 година коишто резултираа со крвав парламент, минатата недела Зоран Заев, лидерот на опозицијата конечно формираше влада. Овој изминат период беше еден од најнеизвесните досега, а на 27 април демонстранти блиски до ВМРО-ДПМНЕ и хулигани упаднаа во парламентот и ги линчуваа опозициските пратеници, меѓу нив и Зоран Заев. Документите до коишто дојдоа ОССРП, НОВАТВ и КРИК покажуваат дека во Собранието бил присутен и српски разузнавач.

 

Груевски и други високи функционери во ВМРО-ДПМНЕ во моментов се под истрага од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за дела кои вклучуваат местење на изборите, перење пари, корупција и друго. Покрај руската поддршка, партијата на Груевски неодамна доби поддршка и до одредени десничарски американски медиуми и конгресмени кои и јавно тврдеа дека неговите противници се поддржани од страна на милијардерот Џорџ Сорос, човек кој е еднакво демонизиран и од Русија и од западните екстремни десничари.

Протести „За Заедничка Македонија“ или анти-сорос протести поддражни и организирани од ВМРО-ДПМНЕ кои се одвиваа се оваа зима и пролет и доведоа до крвавите настани во парламентот на 27 април годинавва

 

Русија критикуваше дека за време не декемвриските избори имало мешања од страна на САД и ЕУ, пред се на, како што велат, „администрацијата на Обама“ и обвинија дека тие го поддржуваат Заев и идејата за „Голема Албанија“.

Во друг документ со датум од 7 април којшто претставува белешка по состанок помеѓу висок функционер во македонското МНР, Ненад Колев, и рускиот амбасадор Олег Шчербак, амбасадорот споменува дека руската цел на присуство овде е да „креира појас на воено неутрални територии на Балканот кој ги вклучува Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Шчербак ги изразува своите фрустрации дека македонските официјални лица не одговараат со ист реципроцитет на руската комплетна јавна поддршкка во однос на странските мешања и имплицира дека тоа може негативно да влијае врз економските и дипломатските врски доколку официјална Македонија не почне да ги поддржува напорите кои ги вложува Кремљ.

„Не можеме да бидеме поголеми Македонци од Македонците“, се вели во белешката на Колев по состанокот. Тројца Македонци службеници во МНР, чии имиња не ги соопштуваме во интерес на нивната заштита, ја потврдија средбата помеѓу Колев и рускиот амбасадор, како и тоа дека високи функционери на МНР имале зачестени средби со руските претставници, особено во последните неколку месеци. Руската амбасада не одговори на прашањата испратени до нив. Во интервју за „Еуроњус“ во април годинава пред настаните во парламентот, Зоран Заев, сега премиер, изјави дека се плаши дека „Русија ќе има се поголем простор за наметнување на нивните интереси доколку не се преземат поголеми мерки од страна на ЕУ и НАТО и нивниот низок интерес за Македонија и регионот“.

 Соседот сплеткар – домашна пропаганда за надворешна употреба

„Стоиљковиќ и Живаљевиќ се среќаваат интензивно во изминатите две години и во Скопје и во Белград каде што Стоиљковиќ се среќава и со лица блиски до Живаљевиќ, високи српски функционери, агенти на БИА, луѓе од подземјето и бизнисмени. Неговите активности укажуваат и на сериозни и длабоки врски со БИА, но и сомнежи за контакти со руските тајни служби и политички кругови. Тој човек јасно е инструиран како да делува во Македонија согласно српските интереси“, вака е опишан македонскиот пратеник во документите. Тој со Живалевиќ ја организирал медиумската пропаганда во екот на политичката криза. 

 

Обвинувањата во траншата документи упатуваат на тоа дека мешањата на странските служби не се ограничени само на Русија. Оваа колекција на документи, транскрипти од разговори и други документи го илустрираат и мешањето на српските разузнавачи од агенцијата БИА кои што ги поддржувале македонските националисти. Српскиот популистички претседател во јавноста не зазема отворено страни во македонската криза, но српските провладини медиуми кои важат за поддржувачи на неговата партија силно го поддржаа Груевски, но и Русија. Србија и Русија имаат длабоки културолошки и религиозни врски, но Србија често игра и со Американците и со Русите независно едни од други.

Документите покажуваат дека македонските тајни служби повеќе од една година ги следеле активностите на Горан Живаљевиќ, агент на БИА и воедно дипломат во амбасадата на Србија во Скопје. Според нив, тој од 2015 година работи на тоа да ги успорува евроатланските интеграци на Македонија по инструкции на Белград. Документите покажуваат како Живаљевиќ му дава инструкции на Иван Стоилковиќ, про-руски пратеник во македонскиот парламент и српски националист. Тој е претседател на Демократската партија на Србите во Македонија и коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ.

Иван Стоилковиќ во Русија во седиштето на владејачката партија минатата година во јуни потпишува договор за воена неутралност помеѓу балканските држави. За дејствувањата на Живалевиќ службите знаеле уште од 2013 година.

 

Живалевиќ и Стоилковиќ често се среќавале “секогаш кога требало да се донесат важни одлуки во парламентот или пред состаноци во владата“, се вели во документите.

Тој бил набљудуван и за него се тврди дека често се среќавал со руски дипломати и дописници на ТАСС, но не се споделуваат детали од тие средби. Тој е еден од оние пратеници кои минатата година патуваа во Москва за да ја потпишат Декларацијата за воена неутралност на балканските земји со партијата „Единствена Русија“ на Владимир Путин, документ кој во суштина го исклучува пристапот кон НАТО. Во тоа време ниту Стоилковиќ ниту македонските власти не одговараа на прашањето кого тој застапува во Москва.

Пратеникот, исто така, се среќавал и со политичари и активисти од соседна Црна Гора кои се противеа на приклучувањето на земјата во НАТО. Меѓу нив и Марко Миличиќ, активист за кого македонските власти веруваат дека и претодно се се среќавал со руски дипломати коишто работеле за руското воено разузнавање во Подгорица.

Миличиќ за нашите редакции ги потврди средбите посочени во документите помеѓу него и Стоилковиќ и руските дипломати, но вели дека во тоа немало ништо особено.

„Сум се среќавал со руски, но и со американски дипломати, вели тој. Она што го прави македонската тајна служа е дел од поширока пропаганда,“ вели тој. “Очигледно е политички мотивирано со цел да се консолидира политичката моќ во Македонија.“

 

Тајните служби го следеле Живаљевиќ во Скопје пред упадот на хулиганите во парламентот во Скопје на 27 април. Тие поседуваат и фотографија од Живељавиќ во парламентот која што НОВАТВ веќе ја објави. Ниту тој ниту претседателот на Србија Александар Вучиќ не го негираа неговото присуство во парламентот, а Вучиќ дури и го оправда како „вообичаена работа на дипломат и разузнавач“.

Спорното „селфи“ на агентот на БИА во македонскиот парламент на денот на упадот

 Минатата недела македонското МНР ја повика српската амбасадорка за да го објасни присуството на агентот во парламентот. Истиот ден српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ рече дека „тој не ги нарушил дипломатските протоколи“.

Живалевиќ беше контактиран и од НОВАТВ, но тој одби да разговара велејќи дека можеби тоа и ќе го направи за неколку дена.

Во разговор со репортер од НОВАТВ, Стоилковиќ, пак, одби да разговара за неговите контакти со БИА.

„Кога ти среќаваш некого, јас те прашувам ли за тоа? Те  прашувам ли за твоите комуникации и со кого се гледаш ти? Срам да ти е“, рече тој и спушти слушалка.

Според документите, и двајцата се фатени како заговараат медумска пропаганда против опозицијата во Македонија во медиумите во соседна Србија каде што тие во огромни пропорции и ударно известуваа за кризата во Македонија. Преку нивните стории, често без никакви извори и факти, вршеа анти-западна пропаганда тврдејќи дека Западот сака да ја уништи Македонија и да создаде Голема Албанија директно давајќи му поддршка на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Често тврдеа дека ако Заев го добие мандатот за влада во Македонија ќе има војна.

Во серијата разговори помеѓу Живаљевиќ и Стоилковиќ на почетокот на март, службите и двајцата ги опишуваат како луѓе кои треба да спроведат субверзивна медиумска пропаганда со цел дестабилизација на Македонија. На 3 март Живаљевиќ и Стоилковиќ договараат средба помеѓу Груевски и српскиот новинар Мирослав Лазанскки, про-Вучиќ и про-руски ориентиран новинар којшто од 2016 е и пратеник во српскиот парламент во владејачкото мнозинство. Транскриптите покажуваат дека Живаљевиќ е тој што го брифира Лазански каква колумна да напише за Македонија.

Посочената колумна е објавена во српскиот весник „Политика“ на 5 март и во неа тој ги застапува отворените ставови на ВМРО-ДПМНЕ дека се потребни нови избори, а не мандат за Заев. Истата вечер на 5 март пратеникот и разузнавачот разговараат пак и се радуваат на успехот на колумната.

„Зборував со Лазански…Вика дека колумната ги срушила сите рекорди на читаност. Ептен е среќен“, му вели Стоилковиќ на Живаљевиќ.

Засебен документ од македонските служби покажува список од повеќе од 50 артикли објавени во последните два месеци кои се коментари, прилози, интервјуа или колумни на Лазански – сите за Македонија и во сите тој ја демонизира опозицијата, ЕУ, САД и НАТО и  ги фали ВМРО-ДПМНЕ како и руската воена моќ, но и предупредува на распад на Македонија доколку опозицијата добие мандат. Речиси сите текстови се објавени во контроверзниот српски портал „Информер“, а во Македонија се пренесувани во исто така анонимниот и контроверзен портал „Инфомакс“, но и во дневниот весник „Вечер“, порталите „Курир“, „Нетпрес“, телевизијата „Нова“ и други медиуми кои се дел од пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ.

На новинарските прашања Лазански негираше дека работел за служби.

„Во Македонија не бев како пратеник, туку како новинар“, вели тој. „Моите навики се такви. Кога одам во други држави се јавувам во нашата амбасада, а господинот Живаљевиќ работи таму како акредитиран претставник на БИА“.