Рускиот пратеник Руслан Гатаров најави дека ќе разговара со Едвард Сноуден, кој неодамна доби привремен азил во Русија, околу евентуална соработка во областа на „заштита на личните податоци“.
„Ќе го контактирам Сноуден уште денес како би разговарале за евентуална соработка“, изјави за агенцијата „Риа новости“, шефот на работната група на Советот на Федерацијата, Руслан Гатаров.
Како што прецизира тој, се работи за соработка во областа на заштита на личните податоци.
„Наша задача е да ги откриеме слабите точки во заштитата на личните податоци и да ги елиминираме“, додава Гатаров.
Основачот на рускиот Фејсбук, „ВКонтакти“, Павел Дуров, уште минатата недела му предложи на Сноуден да им се придружи на информатичарите кои се занимаваат со заштита на личните податоци во таа друштвена мрежа.
Сноуден, кој од 23 јуни беше во транзитната зона на московскиот аеродром Шереметјево, на 1 август доби привремен азил во Русија.
Белата куќа од друга страна ги потенцира барањата Сноуден да им биде испорачан на САД со што би се соочил со обвиненијата.