Русија ќе одговори на обидите на украинските вооружени сили да го нападнат подрачјето на Белгород со американски оперативно-тактички ракети АТАКМС, соопшти Министерството за одбрана.
Против овие постапки на режимот во Киев ќе бидат преземени одмазднички мерки со поддршка на западните помагачи – се наведува во соопштението.
Руската страна тврди дека на 3 јануари украински војници се обиделе да го погодат регионот Белгород во Русија со ракети АТАКМС.
Во текот на противракетната битка борбените екипи на противвоздушниот ракетен систем С-400 и системот Панцир-СМ ги соборија сите ракети АТАКМС – истакнаа од Министерството за одбрана на Русија.
Во средината на ноември се дозна дека американскиот претседател Џозеф Бајден и’ дозволил на Украина да користи американски ракети со долг дострел за да ја нападне руската територија.




