Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, вчера, по разговорите со американскиот претседател Доналд Трамп и високи членови на американската администрација во Вашингтон, изјави дека Русија останува долгорочна закана за Алијансата, пренесе ДПА.
-Сите се согласуваме во Алијансата дека Русија е долгорочна закана за територијата на НАТО – за целата евроатлантска територија, изјави Руте по состанокот во Белата куќа.
Запрашан за можноста за мировен договор меѓу Русија и Украина, Руте рече дека сега „нешто е на маса“, додавајќи дека топката е очигледно на теренот на Русија.
Руте изрази увереност дека САД ќе продолжат да играат централна улога во напорите за завршување на војната.
Не гледам ситуација каде што САД одат чекор понапред. Гледам ситуација каде што под водство на претседателот Трамп, ова би можело да се доведе до позитивен крај, а тоа е многу важно, рече Руте.
Трамп пред два дена изјави дека е можно да се постигне договор со Русија, тврдејќи дека справувањето со украинскиот претседател Володимир Зеленски е „потешко“ отколку со рускиот претседател Владимир Путин, потсетува германската агенција.
Американскиот претседател побара Киев да го отстапи полуостровот Крим, окупиран од Русија, и да се откаже од својата кандидатура за идно членство во НАТО.
Лидерите на НАТО треба да се сстанат на 24. и 25. јуни на самит во Хаг.