Вчерашната средба во просториите на Ректоратот на УКИМ, помеѓу Сенатот, владините претставници и претставниците на Студентскиот и Професорскиот пленум вроди само позитивни сигнали за понатамошна соработка, велат од Студентскиот пленум.
Ивана Туфегџиќ, една од претставниците на Студентскиот пленум која беше присутна на вчерашната средба, вели дека студентите вчера на Генерален пленум одлучиле окупацијата на факултетите да продолжи, се додека не добијат цврста гаранција дека власта сериозно постапува по нивните барања за нов закон.
-Средбата не беше од одлучувачки карактер. Ние баравме интегрално нов текст на законот за високо образование. Аргументите беа изнесени за тоа и средбата заврши со договор да имаме следна средба, потенцирам не беше ништо одлучено. Секоја од четирите преговарачки страни требаше да се исконсултира со својата база за да се дојде на следна средба со заклучоци, изјави на денешната прес – конференција Туфегџиќ.
Според студентите, се чувствува позитивна атмосфера за соработка. Тие ќе бидат дел од работната група која во текот на наредните 30 дена ќе анализира и посочува што точно е потребно за квалитетно високо образование.
Освен студентите, по повеќечасовната средба вчера со кусо соопштение излегоа од кабинетот на ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски.
– Врз основа на излагањата беше договорено низ отворен дијалог да се дојде до заеднички решенија за унапредување и обезбедување на квалитетот во високото образование. Во таа насока беше заклучено да се формира работна група со претставници на Универзитеот, вклучувајќи ги и Студентскиот и Професорскиот пленум, како и претставници од МОН, која во рок од 30 дена ќе изготви анализа на состојбите, врз основа на која ќе се дефинира концептот за изработка на законски текст за високото образование. Истовремено беше договорено во наредните денови да се одржи работна средба во истиот состав, стои во соопштението од ректорот.




