По тридневните преговори во Женева, САД и Русија постигнаа согласност за хемиско разоружување на Сирија.
Американскиот државен секретар Џон Кери говорејќи по средбата со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека според договорот, Сирија ќе мора да обезбеди сеопфатна листа за резервите на хемиско оружје во рок од една недела. Тој порача дека со тоа ќе се обезбеди поголема заштита и сигурност на светот.
Според Кери, тимовите од двете земји постигнале заедничка проценка на постоечките залихи и дека Сирија мора да го уништи целото хемиско оружје.
Двајцата лидери изјавија и дека во договорот е вклучена и временска рамка и процедурите кои Дамаск мора да ги почитува.
Според двете страни, доколку Сирија не го испочитува нивното барање тие ќе бараат усвојување на резолуција од Советот за безбедност за преземање воена акција.
Претходно, Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун не даде никаков коментар за тоа кој е виновен за 21 август, и нападите во областа Гоута во Дамаск, затоа што не е дел од надлежност на извештајот.
Но, тој кажа дека сирискиот претседател е виновен за „злосторства против човештвото“.