Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
Фото: Фејсбук профил Салвјанка Петровска

Интервју со пратеничката на СДСМ Славјанка Петровска: Ни треба повеќе храброст но не во ветувањата туку во исполнувањата

March 25, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Самитот во Минхен 2026: Западен Балкан – лидери без визија, меѓу дипломатски фотографии и политичка безначајност

0
By Zoran Ivanov on February 16, 2026 ТЕМА
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Monday, February 16, 2026 13:54

Минхен 2026 јасно покажа дека Балканот е „важен, но не итен“. Тој е доволно стабилен за да не предизвика аларм, но недоволно трансформиран за да стане стратешки двигател. Лидерите од регионот доаѓаат во Минхен за да ја зајакнат сопствената легитимност и да одржат билатерални контакти, но ретко доаѓаат со визија што би го поместила регионот од периферијата кон центарот на европската агенда.

Дијана Тахири

Минхенската безбедносна конференција 2026 година повторно го потврди она што регионот одамна го чувствува: Западен Балкан е важен – но не е приоритет. Додека светските лидери дебатираа за Украина, за иднината на трансатлантските односи, за европската одбранбена автономија и за глобалната фрагментација, Балканот остана во сенка. Не затоа што е ирелевантен, туку затоа што е класифициран како, управувана криза без решение, статус-кво без трансформација или најчестата и долгорочна класификација –  регион во привремена стабилност.

Регионот сè почесто се третира како безбедносна периферија – зона што треба да остане стабилна, но не и зона што го одредува правецот на европската стратегија. Западен Балкан е тампон-простор меѓу ЕУ/НАТО и конкурентни влијанија како Русија и Кина; тој е тест за кредибилитетот на проширувањето на ЕУ, и е простор ранлив на демократско назадување и политичка инструментализација на институциите. Но во Минхен 2026, оваа реалност беше присутна повеќе како позадинска констатација отколку како централна тема.

Северна Македонија: Статус-кво политика без европски исчекор

Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен не беше актер на главната сцена, туку учесник во дипломатските ходници. Неговата порака беше предвидлива: Северна Македонија е сигурен член на НАТО, стабилизирачки фактор во регионот и неправедно блокирана на европскиот пат. Во суштина и веќе безброј пати повторува и  тврди дека ја исполнило својата домашна задача, а Брисел не возвратил со политичка волја.

Но ваквата аргументација има ограничен домет. Проблемот не е само во „неправедноста“ на ЕУ, туку и во внатрешната политичка динамика. Мицкоски се обидува да балансира меѓу формалната проевропска ориентација и растечкиот домашен притисок против уставните измени и компромисите со Бугарија. Наместо јасна реформска офанзива, владината реторика не само што се движи во зона на одложување и тактичко позиционирање, туку и останува во статус-кво позиција од која очигледно нема намера да отстапи.

Во Минхен, Мицкоски повторно ја претстави Северна Македонија како пример за неправедно третирана држава што „заслужува“ европска иднина. Но меѓународната сцена не функционира на основа на заслуженост, туку на основа на политичка моќ и доследност. Додека владата дома калкулира со уставните измени и избегнува директен судир со националистичкиот наратив, пораките за европска неправда звучат како изговор, а не како стратегија.

Северна Македонија останува формално усогласена со евроатлантските структури, но политичкиот импулс за продлабочување на реформите не е на повидок. Стратегиската усогласеност без политичка трансформација создава парадокс: држава што е лојален сојузник (високо дискутабилно според политиките на владата), но без реална тежина во одлучувањето. Тоа  беше јасно видливо во Минхен- присуство без влијание.

Србија: „Балансирање“ како стратегија на моќ

Александар Вучиќ продолжува да ја игра играта на повеќевекторска надворешна политика. Формално, Србија останува на европскиот пат. Во пракса, Белград одржува блиски врски со Москва, продлабочува економска соработка со Пекинг и одбива целосно усогласување со санкциите против Русија.

Ова не е конфузија, туку внимателно пресметана стратегија. Вучиќ ја користи стратешката двосмисленост како средство за зголемување на својата преговарачка моќ. Тој се претставува како фактор на стабилност, но истовремено ја задржува способноста да игра на повеќе табли.

Сепак, цената на ова балансирање расте. Демократските стандарди во Србија се под сè поголем надзор, концентрацијата на моќ и слабеењето на институциите се третираат не само како внатрешен проблем, туку и како безбедносен ризик за регионот. Дијалогот со Косово останува во статус-кво: доволно контролиран за да нема ескалација, но намерно одржуван без конечен исход. Причините не се во недостиг на „храброст“, туку во политичката калкулација на Белград. За Вучиќ, формалното признавање на Косово носи висока внатрешнополитичка цена — тоа би значело директен судир со доминантниот национален наратив, ризик од губење на дел од електоратот и отворање простор за порадикални националистички актери. Истовремено, нерешениот статус му овозможува на српското раководство да ја користи темата како инструмент за мобилизација на домашната поддршка и како преговарачка алатка во односите со Брисел и Вашингтон.

Покрај тоа, одржувањето на двосмисленоста  ѝ овозможува на Србија да продолжи со балансирањето меѓу ЕУ и Русија, бидејќи прашањето за Косово останува централна точка на руската дипломатска поддршка во Советот за безбедност на ОН. Така, статус-квото не е резултат на слабост, туку на стратегија: конфликт што не се решава, затоа што неговата нерешеност произведува политички капитал.

Во Минхен, Србија не беше изолирана, но ниту препознаена како носител на позитивна агенда. Таа останува неопходен, но структурно проблематичен актер во регионалната равенка

Босна и Херцеговина, Црна Гора и Албанија

Босна и Херцеговина продолжува да функционира како пример за фрагментиран суверенитет. Институционалната парализа и сецесионистичката реторика ја прават земјата ранлива точка во европската безбедносна архитектура. Кандидатскиот статус има симболична вредност, но реформите се бавни, а зависноста од меѓународен надзор останува реалност.

Црна Гора и Албанија се формално најусогласени со западните структури. Но и таму интеграцијата стагнира поради замор од реформите, внатрешни политички турбуленции и недостаток на јасен консензус во самата ЕУ. Усогласеноста повеќе не е гаранција за напредок.

Зошто Западен Балкан беше периферен во Минхен?

Периферната позиција на регионот во Минхен 2026 не беше случајна. Таа е резултат на неколку фактори:

Прво, Западен Балкан не носи нова стратешка иницијатива, туку долгорочно го одржува статус-квото на старите конфликти и институционални слабости.

Второ, регионалните лидери повеќе инвестираат во одржување на статус-кво отколку во структурни реформи што би ја промениле перцепцијата за регионот.

Трето, Европската унија е преокупирана со сопствената безбедносна трансформација и војната во Украина, што го турка проширувањето на втор план.

Минхен 2026 јасно покажа дека Балканот е „важен, но не итен“. Тој е доволно стабилен за да не предизвика аларм, но недоволно трансформиран за да стане стратешки двигател. Лидерите од регионот доаѓаат во Минхен за да ја зајакнат сопствената легитимност и да одржат билатерални контакти, но ретко доаѓаат со визија што би го поместила регионот од периферијата кон центарот на европската агенда.

Западен Балкан во 2026 останува заробен меѓу интеграцијата и инерцијата. И додека Мицкоски ја обвинува Европа за блокада, а Вучиќ го продава балансирањето како суверенитет, вистинската стагнација е домашна.
Регионот не е занемарен — тој е проценет. И проценката е јасна: доволно стабилен за да не создава криза, но недоволно трансформиран за да создава доверба. Сè додека лидерите калкулираат со реформите и ги инструментализираат националните прашања, Балканот ќе остане тема на маргините — присутен на фотографиите, отсутен во одлуките.

Текстот е сопственост на ЦивилМедиа.мк

 

баклкан Дијана Тахири Минхен
Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Протекоа документи: Албанската опозиција му платила на лобистот на Трамп со парите на Дерипаска

April 25, 2026

Силен земјотрес го погоди Крит

April 24, 2026

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026
ФОКУС
April 26, 2026

Вашингтон: Успешен инженер и наградуван наставник пукал на вечерата на Трамп

ВЕСТИ April 26, 2026

Човекот кој синоќа пукаше на вечерата на дописниците од Белата куќа не е типичен криминалец…

Иран му се заблагодари на Пакистан, а потоа повлече линија: Нема договор без прекин на блокадата

April 25, 2026

Работниците во културата на 28-ми април пак ќе протестираат со прака: „Договорите не се поништуваат, уметниците не се понижуваат“

April 23, 2026

Дволичност околу двојните државјанства на пратениците – два важни закона истуркани во еден ден по скратена постапка

April 22, 2026
ТИКЕР

Протекоа документи: Албанската опозиција му платила на лобистот на Трамп со парите на Дерипаска

April 25, 2026

Силен земјотрес го погоди Крит

April 24, 2026

Автобус тргна назад и прегази патници во Бугарија – двајца загинати и 16 повредени

April 22, 2026

Премиерот Голоб најавува опозоција –  дали на власт се враќа Јанша

April 20, 2026

Осум деца убиени во пукање во Луизијана, САД – напаѓачот убиен

April 19, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.