По поднесената претставката против сите банки со цел утврдување на дискриминација на слепите само Комерцијална банка ги променила своите внатрешни прописи и овозможила самостојно користењето на услугите од страна на слепите и лицата со оштетен вид.
Како што информираат од Мрежата за заштита од дискриминација нееднаквиот третман се однесува на користењето на банкарски услуги и производи за кои е неопходен потпис на корисникот при што банките не го признаваат потписот од слепите лица, не дозволуваат користење на факсимил и ги принудуваат да ополномоштат трето лице кое би потпишувало во нивно име и за нивна сметка. Слепите лица се соочуваат со проблеми и при користењето на електронско банкарство поради внатрешните прописи на банките (употреба на токени, кодови и слични сигурносни алатки кои слепите лица не се во состојба да ги користат). Дополнително, банките не обезбедуваат употреба на асистивна технологија, како што е на пример говорниот банкомат, браевиот печатач, софтверските решенија за пристапност до електронски услуги итн.
Подготвеност за промена на ваквиот нееднаков третман покажа единствено Комерцијална
банка АД Скопје, која потпиша Меморандум за соработка со Националниот сојуз на слепите и Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Согласно одредбите од Меморандумот, банката ги променила своите внатрешни прописи и овозможи приемот и испраќањето на финансиските средства и користењето на останатите услуги, слепите и лицата со оштетен вид, да го вршат самостојно, директно и со помош од страна на банкарските службеници, без притоа да биде неопходно присуство на полномошник. За оваа цел, банката обучи 6 вработени кои веќе постапуваат во делот на електронското банкарство, отварање на тековни сметки и отворање на сеф.
Исто така, банката досега обучи 12 слепи и лица со оштетен вид за користење на услугите и производите на електронското банкарство (интернет, е апликации итн.), а за овој месец закажани се уште две обуки за кои досега се пријавени 10 лица. Банката ја прилагоди и постапката за изнајмување на сеф од страна на слепите и лицата со оштетен вид, на начин што сега истите можат да отворат сеф во присуство на двајца банкарски службеници. Со истакнување на ваквата позитивна пракса на Комерцијална банка, која значително придонесе за надминување на проблемите со кои се соочуваат слепите и лицата со оштетен вид, сакаме да ги поттикнеме и останатите банки да го следат овој пример и да ги прилагодат своите услуги.
Комисијата за заштита од дискриминација и во овој случај не донесе одлука во законски предвидениот рок од 90 дена, поради што ја повикуваме што поскоро да се произнесе по однос на поднесената претставка и да утврди дискриминација кон слепите и лицата со оштетен вид.




