Во првите шест месеци годинава на македонските патишта загинале 59 луѓе. Само последниов месец 6 од нив се пешаци. Дивеењето на патиштата и непочитување на сообраќајните знаци не го запира црниот биланс, а скопските улици се едни од најкритичните места во земјава каде сообраќајните незгоди прераснаа во човечки трагедии.
Најчести причини поради кои се случуваат ваквите инциденти се брзото возење и непочитувањето на правилата за предност на минување, велат од МВР.
Официјалните статистики за минатата година велат дека од вкупниот број на жртви, односно 124 загинати луѓе лани, 35 биле пешаци. Скопје и Битола се посочени за градови со најголем број на жртви во сообраќајот, додека улицата Партизански одреди во Скопје е една од најризичните.
Последен случај со трагичен епилог се случи доцна синоќа, откако возач на „опел корса“ ја усмрти новинарката Сузана Тодоровска Павловска која пешачела во близина на трговскиот центар „Зебра“ во Капиштец, Скопје. Возачот бил со неговата сопруга, но и двајцата поминале без посериозни повреди од несреќата, додека новинарката почина на лице место. Денеска возачот ќе биде предаден на истражните органи.
Свежи се спомените и на прегазената студентка Фросина Цекова, која беше усмртена близу Универзалната сала во Скопје, по што возачот избега од местото на настанот. Три месеци подоцна од Обвинителството велат дека се уште се чека на судското вештачење.
За случајот со прегазениот средношколец кај Католичка црква, настан кој се случи на 15 ноември минатата година поднесено е кривично обвинение, додека пак за несреќата во која позната македонска пејачка Андријана Алачки во октомври минатата година прегази пешак на улицата Рузвелтова во Скопје, надлежниот обвинител оценил дека нема елементи за покренување на обвинение.
Ова се само дел од трагедиите кои одекнаа во јавноста. Од Обвинителството иако ветија дека ќе го објават вкупниот број на обвиненија покренати по однос на сообраќајни незгоди, се до објавувањето на овој текст тоа не го сторија.
Голем дел од случаите се процесуираат до недогледно време, а семејствата во агонија очекуваат одговори кој е виновен и како точно се случиле несреќите.
Летните периоди со најголем број жртви, возачите и пешаците екстремно неодговорни
Според статистиките на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), само во јуни годинава 20 лица загинале во сообраќајни несреќи и тоа 4 возачи, 6 сопатници, 6 пешаци, 3 моторциклисти и еден велосипедист.
Според Ристо Минчев, секретар на РСБСП со кампањите за безбедност во сообраќајот подигнато е нивото на свесност во сообраќајот, но сепак годишниот биланс на жртви од сообраќајни незгоди е висок.
-Потребно е засилување на репресивните мерки, за дел од возачите кои анализите покажале дека се екстремно неодговорни дури и забрана за возење. За шест месеци да имате 60 жртви според мене е екстремно неодговорно, како од возачите така и од пешаците. Меѓутоа минатата година од 35 загинати пешаци, 19 беа повозрасни луѓе над 60 години, тие се ограничени и потребно е да се покаже трпеливост и култура во сообраќајот, сепак безбедноста е заедничка и споделена одговорност, вели Минчев.
Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) велат дека со Втората национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата усвоена во мај годинава, бројот на жртвите во сообраќајни незгоди би требало да се намали.
Стратегијата предвидува зголемена прегледност на патиштата, децата уште од најрана возраст да се едуцираат за сообраќајните правила и култура, а полицијата и лекарите, пак, во случај на некоја сообраќајна несреќа да пристигнуваат побрзо на местото на настанот. Со овие мерки сообраќајот во Македонија би требало да биде на европско рамниште за пет години.
Според професорот за патишта и инфраструктурен сообраќај Вулнет Палоши, казните кон возачите нема да го намалат ниту бројот на прекршоците, ниту на жртвите. Според него, координацијата на надлежните министерства кои се дел од Координативното тело за безбедност во сообраќајот треба превентивно да делува и да ја зајакне својата координација.
-Четири министерства делуваат превентивно. Министерството за транспорт и врски е репресивно, кое казнува. Ако другите не ги вршат превентивните мерки, министерството за транспорт е должно да спроведе санкции врз нив. Со казна врз учесниците во сообраќајот не бива, треба превентивните мерки на министерствата да се зајакнат, а оние кои не го изработиле својот дел во рамки на превентивата да се казнат. Сите тие кампањи кои ги гледаме на телевизија се во ред, но тоа не е доволно, вели Палоши.
Според него дополнителна активност која би можела да се прави за време на летниот период кога е зголемен бројот на странци кои престојуваат во државата е да се делат флаери со едукативна содржина за учесниците во сообраќај за сите странски, но и домашни возачи.
Изминативе години власта потроши милиони евра во кампањи за поддигнување на свеста кај граѓаните и советување од типот на правилна исхрана, кампања за трето дете, кампања за подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот и слични. Од Владата досега нема со официјални информации по кои критериуми се распределуваат рекламите и кои се ефектите од нив.
По повод вчерашната трагедија кај трговскиот центат „Зебра“, заменик – претседателката на опозициската СДСМ, Радмила Шекеринска на социјалните мрежи напиша: „Наместо камери за заокружување на демонстранти, ИТНО камери за мерење на брзина на возење! Сочувство до семејството, алудирајќи на тоа дека МВР ги снима сите протести кои изминатиов период се случија низ Скопје, а нема поставено камери за мерење на брзината на возење.
.jpg)




