Напорите на европските дипломати и пратеници кои се вложуваат овие денови за да се најде излез од политичката криза во Македонија засега се без успех.

Директорот на Генералниот директорат за проширување на ЕУ, Стефанo Санино поради ваквата ситуација одлучил да остане во Скопје во обид да се најде излез од кризата и заедно со британскиот европратеник и известувач за Македонија, Ричард Ховит да понудат нови компромисни решенија.

СДСМ не отстапува од нивното барање за предвремени парламентарни избори, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ ги радикализираше своите позиции и ја отфрли опцијата предвремените парламентарни избор во 2014 година да бидат заедно со претседателските избори.

Европската комисија како што веќе јави НОВА инситира да се обезбеди договор за одложување на локалните избори и формирање на независна експертска комисија која би ги утврдила причините за инциденот од 24 декември минатата година.

За Европската комисија и земјите членки на ЕУ кои се обидуваат да и обезбедат на Македонија старт за преговори за членство на јунскиот Совет на министри на ЕУ, бараат политичките субјекти во земјава да ги закопаат секирите и енергијата да ја вложат и се посветат на процесот на решавањето на спорот за името со Грција со цел да се надмине грчката блокада во Советот на министрите.