Зборувате за слобода на медиуми, Мирка покажа со прст кон мене, вулгарен сум бил, а Латас во секоја колумна употребува вулгарни зборови, секаде го има, уште кога ќе го отвориш фрижидерот да ти излезе. Тоа ли е логиката? Излезе дека Мирка Велиновска која ги величаше Киро Глигоров и Бранко Црвенковски била жртва и дисидент, а Геро кој го направил „Дневник“ со кој ВМРО-ДПМНЕ доби шанса да победи, бил со власта, рече Саше Ивановски, кој како поканет сведочеше денеска во Надзорната комисија во Собранието на тема пресумпција на невиност.
– Знаете ли колку новинари изгубија работа? Поповски Роберт, каде е? Сафет и Ленче мораа да станат пратеници за да може да зборнат за диктатурата. К15 ги угасивте, што останува за мене што сум во медиумите 2 години и сум недоискажан? Отворете ги неделниците „Република“ и „Капитал“ и видете – во „Република“ има реклама на ЕЛЕМ, во „Капитал“ нема, во „Република“ има реклама од АЕК, во „Капитал“ нема, видете колку владини реклами има во „Република“. Со нашите пари подмитувате новинари. Ова се случува со сите медиуми. 50 милиони евра годишно ги лупате за пропаганда. И радио направивте. Која е иднината, дека ќе ставите звучници по улиците како во Камбоџа, за Влатко Ѓорчев да не слуша како се сексаме по дома?, револтирано реагираше Ивановски.
Тој праша зошто новинарката Мирка Велиновска во 90-тите не кажала дека било лошо со медиумите кога, како што рече, „била инвентар во кабинети“.
– Ако тогаш било лошо, што сега вие треба уште полошо да го направите? 30 години назад не враќате, лустрации, прогони…Антонио Милошоски си оди кај Јанко кај што му е финичко…Сто луѓе имате годишно што гинат на автопати зашто градите споменици. Направивте од новинарите лигуши кои работат за пари. Не сте толку глупи како Хитлер да апсите, да убивате, вие оставате луѓе да умрат за леб. Срам да ви е, го валкате името ВМРО-ДПМНЕ, вие сте преваранти, мангупи, лопови и Гојко Јаковлески, основачот рече дека срамота е што направивте од ВМРО-ДПМНЕ. Срам ви е да се појавите кај Мандела, оти вие се спротивно правите од него.
Алудирајќи на новинарот Миленко Неделковски, Саше Ивановски вели, сака од се сапун да направи, од Албанаци, Роми, сите! „а јас сум бил за никаде зашто сум рекол дека Груевски е политички шарлатан, сум бил вулгарен. Тоа и е, јас најодговорно тврдам. Зошто бегате од дебати во медиуми? Појавете се на интервјуа, нели сте револуционери, не може да ве најде човек“, додаде во своето сведочење Ивановски.
На Комисијата политички систем и односи меѓу заедниците се води надзорна расправа „Анализа за почитување на уставно загарантираното право на презумпција на невиност, наодите за злоупотреба на притворот, загрозување на слободата на изразување и медиумски слободи и правото на изразување јавен протест во Република Македонија“.




