При денешната прес-конференција за новинарите каде што претседателот на СДСМ, Зоран Заев зборуваше за измените во Изборниот законик, на новинарско прашање за пратеничката Наташа Савова, тој го повтори партискиот став на СДСМ.
Заев потенцираше дека политички противник на СДСМ е ВМРО-ДПМНЕ и дека целта на раководството, на членство и на симпатизерите на СДСМ е да го ја победат партијата на власт.
„Чесно е секој оној од нашите редови кој апсолутно не се согласува или не сака да даде придонес кон таа цел, а тоа е да падне овој режим, да се повлече од својата партиска или која било друга функција делегирана од партијата и да отстапи место на некој друг кој ќе даде максимален придонес кон паѓањето на овој режим во Република Македонија“, рече Заев.
Во изјава за НОВА, вчера пратеничката Савова рече дека мандатот може да му го врати само на тој што и го дал, а тоа е народот, откако портпаролот на Социјалдемократскиот сојуз, Петре Шилегов рече дека таа треба да си поднесе оставка од пратеничката функција, доколку не се согласува со работата на нејзината партија.
Неодамна на нејзиниот Фејсбук профил, Савова пишуваше дека актуелното раководство на СДСМ е канцерот на партијата и дека не би сакала да биде на листа на сегашниот состав на СДСМ.




