Студентскиот Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не дејствува како самостојно и независно тело, кое треба да ги штити интересите на студентите, туку како коалиционен партнер владејачката партија, изјави на денешната прес-конференција претседателот на СДММ, Дарко Давитковски.
Давитковски упати неколку прашања до претседателот на СПУКМ, Кирил Спироски.
„Каде беше СПУКМ кога беше воведена наплата за добивање потврди, пријавување семинарски работи и истражувачки трудови? Каде беше СПУКМ кога беа укинати кредитите, кога доцнеа стипендиите? СПУКМ не презеде иницијатива ниту кога стана збор за укинување на административна такса од 50 денари. СПУКМ молчеше кога леглата во студентските домови се доделуваа на партиски војници од ВМРО-ДПМНЕ“, вели претседателот на СДММ.
Тој напомена дека самиот претседател на СПУКМ, преку социјалната мрежа Фејсбук, на 25 март годинава му навестил на градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски дека „време е и студентите да видат бесплатен јавен превоз“, повикувајќи се на неговиот Фејсбук профил.
За СДММ е нејасно во чие име настапува СПУКМ. Велат, во име на студентите или во име на ВМРО-ДПМНЕ?

Тие објаснуваат дека Студентскиот Парламент треба да бидат коректив на секоја лоша општествена појава, „но факт е дека е злоупотребен и манипулиран од владејачката партија и служи само како нивен инструмент во дневнополитичките пресметки“.
СДММ бараат од членовите на СПУКМ да излезат од сенката на ВМРО-ДПМНЕ и конечно да почнат да се залагаат за подобрување на студентскиот стандард и студентските права, а студентите на УКИМ да се борат за своите права во рамките на СПУКМ, во кој членуваат и за кој тие одвојуваат пари од студентски буџет.




