Според СДСМ, погрешните и репресивни политики на Груевски, ја донеле најголемата сиромаштија во Македонија, и реагира дека е добро што “уплашената власт на Никола Груевски конечно ќе ги намали глобите, ќе воведе мерка опомена и скалест пристап во казнената политика“.
– Со години укажуваме дека неразумните политики на власта на Груевски водат кон банкрот на граѓаните и фирмите што денеска е реалност. Затоа и зборувавме за потребата од опомена пред казна, предлагавме намалување на казните за 50 проценти и можност помалите фирми да плаќаат помали глоби. Во 2013 година, додека ги промовиравме овие мерки, власта затвораше фирми, изрекуваше глоби во илјадници евра, менуваше закони внесувајќи вртоглави суми казни, се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму потсетуваат дека парламентарното мнозинство на Груевски изгласало казни од 1.500 до 9.000 евра за најранливата категорија граѓани, мајстори, занаетчии кои работат за дневници од по 150 денари, и дека поради ова огромен број мали и средни фирми се веќе со клуч на врата.
– Да не говориме за казните од 7.000 – 25.000 евра за лекарите, казните до 500-тини евра воведени со Законот за сообраќај и слични примери, што ги гласаше мнозинството на Груевски и остануваат на сила. Никола Груевски, препиша низа решенија на СДСМ во својата предизборна програма, но за жал и овие мерки од казнената политика на коишто апелиравме, се случуваат многу задоцнето, откако целосно ги исцедија фирмите и граѓаните, стои во соопштението.
Оттаму укажуваат дека ад хок решенијата на власта не биле доволни, и немало логика да се примени скалеста казнена политика, а да не се примени скалеста даночна политика.
– Потребни се системски промени за што е потребна промена на власта. СДСМ со Програмата за враќање на средната класа, на чиишто дополнувања работи, ќе го врати достоинствениот живот на граѓаните во Република Македонија, порачува СДСМ.

