Продолжуваат партиските препукувања за тоа кој повеќе се залага за демократизација и објективно известување на медиумите. Додека течат преговорите на работната група околу Законот за медиуми, СДСМ вели дека ќе побара новинарскиот еснаф директно, да се вклучи во преговорите, од ДПМНЕ велат дека ќе постапат така како што ќе се договорат политичките партии, но се сомневаат во искреноста на намерите на СДСМ. Вечерва на брифинг предлог-решението за медиумите пред новинарите ќе го образложи посредникот Ванхауте
-Во насока да ја расчистиме оваа вулгарна кампања што ја води ВМРО-ДПМНЕ пласирајќи шпекулации и полувистини, во име на преговарачкиот тим на СДСМ укажувам дека предлогот медиумите и еснафот да бидат дел од преговорите ќе го ставам на изјаснување на другите учесници во преговорите, истакна денеска пред новинарите Роберт Поповски, претставник на СДСМ во преговорите.
Поповски вели дека од првиот момент кога невладините и здруженијата побарале да бидат вклучени во процесот, тој се заложил за тоа да биде така, меѓутоа меѓународните посредници сметале дека поинаку треба да се води целата оваа активност.
-Ние стоиме зад нашите предлози и сметаме дека на Македонија и треба целосно департизирање и демократизација и на регулаторните тела и на медиумската атмосфера, но исто така треба да се овозможат елементарни услови на 24. април да имаме фер и регуларни избори, а тоа значи медиуми кои ќе информираат професионално, објективно и транспарентно итн, рече Поповски денеска пред Клубот на пратениците.
Како што рече тој, предлозите на СДСМ се базираат врз основа на сите извештаи за слободата за медиумите, извештаите на ОБСЕ/ОИДХР, Извештајот на Прибе и Европската Комисија итн.
Според него, дали медиумските претставници и здруженијата ќе бидат директно вклучени во преговорите зависи од тоа дали ќе се согласат останатите учесници во преговорите, односно ВМРО-ДПМНЕ, ДПА и ДУИ.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ пак, вели дека СДСМ едно зборуваат за јавност,а друго прават во реалност, бидејќи се жалеле зошто имало јавност во процесот.
-Апсолутно не прифаќаме ниту еден предлог од која било партија за државата да има можност за регулација и цензура, за пристрасноста и објективноста за медиумите, тоа е минимална работа која демократските држави ги разликува од државите каде што има диктатура. Мене ми е многу жал што еве цела една хајка и битка на СДСМ од 6-7 години се изложија со еден ваков срам и се изложија на еден ваков срам со нивниот пристап и нивните барања за партизација на Агенција и МРТВ и за воведување можност агенцијата да казнува со огромни казни, со забрана за вршење дејност на правните лица и тоа врз база на оценка на квалитативни вредности во новинарството. Тоа за нас е неприфатливо и не сакаме да разговараме во тој правец, рече Димовски.
Тој пак вели дека владејачката партија предложила да се копира моделот на некоја од 20 земји посочени како членки на Европската Унија и тој модел да се внесе во нашата регулатива, а во однос на регулаторните тела владејачката партија е за да се прошири нивниот состав па така ЗНМ и МАН да имаат по два члена во програмскиот совет на МТВ.
Партиските преговорите за медиумите без присуство на медиумски лица и здруженијата се причина поради која минатата недела новинарите одржаа протест во знак на револт пред Клубот на пратениците со најава дека ќе ги бојкотираат изборите. Новинарите порачаа дека четирите партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА имаат обврска да и објаснат на јавноста, какви решенија договараат за медиумите.
За вечерва е закажан брифинг на посредникот Питер Ванхауте со новинарите на кој посредникот ќе го образложи предлог-решението.




