Царинската управа од Штип, повеќе од еден месец, по наредба од највисоко ниво на Централата во Скопје престана да работи во саботите, што беше пракса со години. Од ова, огромни штети трпи македонската текстилна индустрија, вклучувајќи ги Штип и цела Источна Македонија, којашто извезува во странство, бидејки истата доцни со испораките, рече на денешната прес конференција претседателот на ОО СДСМ Штип, Владимир Милошев.
– Македонските компании кои едвај се пробиваат на странските пазари, сега имаат проблем да ја сочуваат конкурентноста. И тоа, поради калулациите на државните царински служби. Ако претходно камионите тргнуваа во сабота, и во понеделник најголем дел од превозниците веќе беа во европските земји, сега тргнуваат во понеделник. До крајните дестинации се најрано во среда, или четврток, со што губат половина работна недела.
– Единстената опција што им ја остави Царина на компаниите е да ги испратат своите камиони преку граничниот премин Табановце. Гужвите таму се толку големи што шансите да се излезе од државата до крајот на викендот се речиси невозможни.
Милошев праша која е причината за укинувањето на работните саботи на Царинската управа во Штип?
Дали директорот Каргов и македонската Царина свесно форсираат само одредени шпедиции на граничните премини, кои имаат финансиска корист од ваквиот потег на Царината?
Го повикуваме Ванчо Каргов јавно да одговори, дали целта е да работат само некои шпедиции? Дури и ако цената за тоа се големи проблеми за текстилните компании од цела Источна Македонија? И можни останувања без работа?
Претседателот на ОО СДСМ Штип, Владимир Милошев истакна дека за овој проблем текстилците имаат повеќепати реагирано до највисоките органи на Царината, но до овој момент, како што сме информирани, слух за нивниот проблем, нема.
– Образложението од царинските органи, замислете, е дека работењето на терминалот во Штип, во сабота, барал прекувремено работење на дежурни царинарници, што било трошок за Царинската управа?!
– Па наместо државните царински служби да бидат во функција на стопанството, тоа за што се платени од граѓаните, истите тие служби ги изложуваат стопанствениците на големи трошоци за извоз, препраќајки ги по терминалите на граничните премини.
– Укажуваме дека најголемиот број од компаниите од Штип и Источна Македонија имаат вработени лица за изготвување на увозно-извозната документација. Кога извозот се врши на граничен премин, овие лица стануваат непотребни, со што шансите за нивно останувања без работа се големи. Исто така компаниите се изложени на дополнителни трошоци, бидејќи за изготвување на потребната документација мораат да плаќаат на шпедициите лоцирани на граничниот премин преку којшто излегуваат.
Тоа ли е целта господине Каргов?
– СДСМ бара од Царинската управа веднаш да ја преиспита својата одлука за работното време на терминалот во Штип.
– Во спротивно, ќе се потврдат сомнежите дека кога станува збор за тесно партиските интереси и бизниси на власта се друго е неважно, па и компаниите и граѓаните на Република Македонија, истакна Милошев.




