„Ова е официјален допис од Основниот суд во Крива Паланка со кој судот потврдува дека директорката на ОУ „Христијан Тодоровски Карпош“, Слаѓана Николовска, е прогласена за виновна за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Имаме информации дека во Основниот суд во Крива Паланка се водат уште кривични постапки против неа“, објави пред новинарите денеска Момчило Алексовски, градоначалник на о.Ранковце од СДСМ.
– Бидејќи не е нормално прв човек на образовна институција да биде осудено лице, госпоѓа Николовска беше разрешена. Но, разрешената директорка не дозволува да се направи примопредавање на функцијата на новоназначениот в.д. директор. Активисти на ВМРО-ДПМНЕ прават агресивни и тензични упади во образовната институција, упатуваат вербални закани до вработени во општина Ранковце и до членовите на нивните семејства.
– Училишниот Одбор не функционира, а Николовска не присуствува на седниците на Совет на Општина Ранковце, ниту соработува со мене како градоначалник. Ваквото однесување ни дава за право да се запрашаме дали со ова држење на функција се сокриваат можни скандали, афери или криминал правени во претходниот период од раководните структури во училиштето?
– За ова веднаш ги известивме Училишниот одбор, Државниот просветен инспекторат и Министерот за образование, но сѐ што добивме се закани за одземање на ингеренциите на општината. Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, го игнорира овој голем скандал и упорно молчи, соопшти Алексовски.

Општина Ранковце ќе ги користи сите правни и демократски инструменти против вмешаните во овој скандал и штитењето на овој криминал.




