Пратеничката група на СДСМ, во петок, достави реакција до Советот за радиодифузија за новиот телевизиски спот кој е дел од кампањата на Владата против абортусот и бара негово повлекување.
Во реакцијата се наведува дека „новиот спот во којшто абортусот како медицинска интервенција се изедначува со убиство испраќа порака на осуда и стигматизација кон сите жени и парови кои го искористиле или планираат да го искористат своето природно репродуктивно право. Воедно, овој спот е и брутална навреда и квалификација на лекарите како убијци”.
Потсетуваат дека со членот 41 од Уставот на Република Македонија се гарантира правото на човекот слободно да одлучува за создавање на деца.
„Ние пратениците и пратеничките потпишани на оваа изјава застануваме во одбрана на слободите и човекови права на секоја жена и затоа бараме итно повлекување на овој противуставен спот”, стои во реакцијата на пратеничката група на СДСМ.




