Денеска светот со жалење се збогува со Нелсон Мандела, борец против апартхејдот во Јужна Африка, кој заради бранењето на својата кауза помина 27 години во затвор, и првиот обоен претседател на Јужноафриканската Република. Мандела, светската икона на слободата и добитник на Нобеловата награда за мир, е траен симбол за интегритет, принципиелност и издржливост, се вели во соопштението на СДСМ по повод смртта на Нелсон Мандела.
– Неговиот долг пат до слободата е лекција за човештвото дека демократијата е неделива, а угнетувањето и замолчувањето макар и на еден, се одразува на сите нас. Уште повеќе, Мандела е пример дека секој човек може да ја смени историјата, доколку се бори за слободата и правдата.
– Битката која Мандела ја водеше против неправдата и режимот на Апартхејдот е негова оставштина која ќе остане врежана во историјата како пример за генерациите кои доаѓаат и инспирација за лидерите на утрешнината.
– Овој извонреден воин на љубовта, мирот и правдата го задолжи човештвото, преку пркос да ги разобличува угнетувачките тактики на недемократските движења, се вели во соопштението на СДСМ по повод смртта на Нелсон Мандела.




