Социјалдемократскиот сојуз побара од премиерот Никола Груевски и министерот за образование Спиро Ристовски да образложат зошто проектот „Превод на 1.000 стручни книги“ го опишуваат како најуспешен, односно дали новите реформи во високото образование се нови глоби за универзитетските професори и казни до 35 илјади евра.
– Што е успешно во проектот за преводи на стручна литература – нестручните, неразбирливи и речиси неупотребливи преводи, или најчесто сомнителните рецензии, за што се фрлени стотици илјади евра народни пари?, реагираат од најголемата опозициска партија, надополнувајќи дека ако учебниците се добри, сите ќе ги користат и немало да има потреба од закани кон професорите со глоби преку законски измени.
Оттаму исто така го ставија под прашање и проектот за екстерно тестирање како и „компјутер за секое дете“.
– Што е успешно во другите проекти, екстерното тестирање на штета на учениците и наставниците? Компјутер за секое дете, што однесе илјадници евра пари на граѓаните, а компјутери нема? Парите од 0.02 процента од БДП што Владата ги одвојува, дури 40 пати помалку, на пример од Хрватска? Со коишто научниците не можат ни компјутер да состават, а не да направат научен труд?, се вели понатаму во реакцијата.
Според СДСМ, власта на Никола Груевски за 8 години направила успешна катастрофа во научно-образовниот систем, како и во сите други сфери во државата.




