Десетина имиња се разгледуваат во редовите на СДСМ како можни кандидати за иден претседател, меѓу нив има Македонци, Албанци, Турци, Срби, се со цел да се пронајде личност која ќе биде најприфатливо и максимално консензуално решение рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата околу кандидатот на СДСМ за претседател на државата и дали се прават анкети за министрите Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО Стево Пендаровски кои се споменувани во медиумите како можни кандидати  за претседател на државата.

Заев најави дека ќе има консултации и со коалициониот партнер ДУИ, со некои од опозиционите партии и со граѓанскиот сектор.

„Консезуалниот претседателски  кандидат не треба да  се бира меѓу мене и Али Ахмети, туку треба да биде кандидат на граѓаните, а такви луѓе во Македонија има“ рече Заев и додаде дека најважно е новиот шеф на државата  да биде претседател на сите граѓани и да ги нема слабостите на актуелниот Ѓорге Иванов во однос на мултиетничкиот карактер на опшетството, европските и евроатлантските интеграции.

Во петок ќе се одржи седница на Централниот одбор на СДСМ на која ќе почне дебатата дали со претседателските треба да се одржат и вонредни парламентарни избори.

„Ако гледаме само партиски, на СДСМ и на коалицијата им одговораат избори. Сите анкетите тоа го покажуваат и крупните прашања се затворени. За мене е важна Македонија и мислам дека граѓаните треба да ги почувствуваат плодовите од тешките одлуки. Интересот на странските компании се зголемува и овој број ќе расте затоа што голем број комапнии чекаат да се финализира Договорот од Преспа. Дебатата е отворена и можам да кажам дека ќе донесеме чесна одлука“ рече Заев.

Заев рече дека тој нема да се кандидира за претседател на државата.