Партиите од Коалицијата предводена од СДСМ постигнале начелна согласност, на претседателските избори да настапат заеднички и да застанат зад заеднички кандидат, соопштија од СДСМ, каде што денеска се одржа средбата на лидерите на над 20 партии.
Како што се вели во соопштението, договорено е да продолжат пошироки консултации во рамки на самите партии, кои се дел од коалицијата, за избор на најсоодветен заеднички кандидат за претседател на државата, во интерес на граѓаните.
-Заеднички е оценето дека на Република Северна Македонија и нејзините граѓани им е потребен вистински претседател, партнер на граѓаните, партнер на иднината, кој ќе застане рамо до рамо со прогресивните сили и Владата во процесите кои значат напредок, иднина, економија, членство во НАТО и ЕУ, се вели во соопштението.
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во име на Коалицијата, ќе одржи консултации со партиите од албанскиот блок во владината коалиција, како и со други парламентарни и вонпарламентарни партии, од власта и опозицијата, околу можностите да се дојде до заеднички кандидат за претседател на државата, кандидат за кој што ќе застанат граѓаните.
За утре е закажана средба на Заев и Ахмети за ова прашање.






