„По конституирањето на новата општинска коалиција помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и нерегистираната партија ГРОМ, започна расипничкото трошење на буџетот на Општина Карпош“, објави денеска пред новинарите Магдалена Несторовска од СДСМ.
– Општина Карпош во период од два месеци потрошила над 300.000 евра од парите на граѓаните предвидени за подобрување на условите на живот во општината, за исплата на средства за времени вработувања на новите членови на сѐ уште нерегистрираната партија ГРОМ, на Стевчо Јакимовски.
– На петтата седница на Советот на Општина Карпош беа префрлени 6 милиони денари од ставката за реконструкција на патишта, за времени вработувања. На денешната седница на советот на дневен ред е иста точка, со која повторно од ставката одржување и реконструкција на патишта ќе се префрлат 200 илјади евра на ставката времени вработувања, вели Несторовска.
Граѓаните на Општина Карпош имаат право да знаат како се трошат нивните пари. Особено што Општина Карпош дополнително финансиски ги оптеретува.
– Градоначалникот Јакимовски пред локалните избори ветуваше бесплатни екскурзии за учениците во 2014 година. Сега во сите програми за организирање екскурзии на основните училишта пишува дека финансиските средства за изведување на екскурзиите се обврска и ќе паднат на товар на родителите на учениците. Стевчо Јакимовски ги излажа родителите на учениците дека екскурзиите ќе бидат бесплатни, смета Несторовска.




