Социјалдемократскиот сојуз бара од МВР да направи сериозна проценка по синоќешните тепачки во автобусите на ЈСП, околу тоа дали се работи за случајни инциденти или се тие мотивирани и според тоа да преземе соодветни мерки на заштита на граѓаните.
– Прашуваме дали власта знае што се случува? Дали премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се усогласија околу тоа дали има злоупотреба на деца за политички цели и за чии цели? Ставот на Јанкулоска за инцидентите пред 10 дена беше дека „човек кој размислува со здрав разум не би можел една таква монструозна конструкција да направи и да ги злоупотреби децата за да креира криза“, но во ист ден, премиерот Груевски од друга локација констатираше дека „ваквите случувања се повторуваат кога се приближува некој важен датум каков што е Европскиот состанок“, се вели во соопштението на најголемата опозициска партија.
Оттаму констатираат дека министерката Јанкуловска, која 7 години раководи со Министерството за внатрешни работи, покажува неспособност во превенцијата и во грижата за безбедноста на граѓаните, учениците и децата во градските автобуси.
СДСМ бара МВР и власта да направат точна проценка на состојбата и да ги заштитат граѓаните од несакани последици во автобусите.




