СДСМ реагира на изјавата на министерката Гордана Јанкуловска за избирачкиот список.
“Министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска безуспешно сака да избега од одговорноста за сите злоупотреби и малверзации со избирачкиот список.
Тоа што го зборува министерката Гордана Јанкулоска не е точно. Министерството за внатрешни работи, со кое таа раководи повеќе од 7 години, целосно го составува избирачкиот список. Според сегашното законско решение МВР го предава списокот до Заводот за статистика каде се распределува по општини и избирачки места.
Во периодот пред последните локални избори, се покажа дека МВР не само што го составува избирачкиот список туку на иста адреса запишува по 74 граѓани на кои им издава лични карти и ги внесува во списокот.
Тоа претставува кршење на законот за кое некој ќе одговара.
Токму затоа, СДСМ, но и останатите учесници од Работната група за избирачкиот список, јавно побараа сите ингеренции за составување и ажурирање на избирачкиот список од МВР и Заводот за статистика да се префрлат во ДИК.
Неверојатно е како без ни малку срам Јанкуловска во чиј мандат се спроведоа избори со фантомски гласачи од Пустец повикува на политичка волја за објективен изборен процес”, вели СДСМ во својата реакција.




