Социјалдемократскиот сојуз писмено реагира на вчерашниот демант од Министерството за внатрешни работи којшто се однесуваше на последната т.н. „бомба“ во којашто претседателот на СДСМ обвини дека директорот на УБК Сашо Мијалков договарал провизии на приватни сметки за да се овозможи зделка за купување опрема за тајната полиција.
– Сашо Мијалков, од позиција на Директор на УБК, и Никола Груевски мораат да и одговорат на јавноста во Република Македонија:Каква е таа наводна донација што се реализира преку приватна фирма во Македонија? Од објавените разговори, чија веродостојност ја потврдија Сашо Мијалков, МВР и ВМРО-ДПМНЕ, се докажува дека Мијалков ја избрал банката во Будимпешта, преку која се извршени трансферите на средства. Зошто наводната донација е уплаќана на сметки на странски банки во странски држави? Каква е таа наводна странска донација што не е пријавена во Секретаријатот за европски прашања?Каква е таа донација во којашто се договара давање пари во кеш?, се вели во реакцијата на СДСМ.
Вчера МВР демантираше велејќи дека парите кои се споменуваат во телефонските разговори помеѓу директорот на УБК, израелскиот посредник и судијката Светлана Костовска, во тоа време службеник во УБК, всушност, биле донација од 5,5 милиони евра за полицијата, а не провизија.




