Социјалдемократскиот сојуз на Македонија нема да молчи по најновите апсења, бидејќи тоа е демонстрација на сила од страна на власта заради влевање страв кај граѓаните, смета лидерот на опозицијата.
Според него, ако предметот „Претседавач“ е отворен пред три години, тогаш се поставува прашањето како тоa се однесува на претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, кога тој е на функцијата само неколку месеци.
Заев соопшти дека вo недела партиските тела на СДСМ ќе расправаат за новонастаната ситуација. Тој истакна дека претставниците од СДСМ ќе го замрзнат учеството во собраниската комисија за имплементирање на препораките за настаните од 24 декември лани.
-Едно е сигурно – веднаш ќе ја замрзнеме работата, односно нашето учество во работата на работната група во парламентот, оти дефинитивно нема смисла. Таа работна група има за цел да ги спроведе препораките од извештајот од 24 декември за да не се повторат вакви работи. Денеска власта повторно ги продуцира ваквите работи, а секако ќе разгледаме уште многу демократски мерки кои што ни стојат на нас како опозиција за имплементирање, рече Заев.
Според претседателот на СДСМ ова е директен атак на централната власт врз локалната, при што не се почитува принципот на презумпција и затоа опозицијата нема намера да молчи.




