АЕК вчера соопшти дека Кулата на Груевски на Водно, ќе била уникатна и неспоредлива. Се согласуваме, така е. Нема друга телкомуникациска Kула која што верувале или не, чини неверојатни 27 милиони евра, истакна потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Според него за оваа, како што рече, замисла на премиерот, граѓаните на Македонија нема да платат 18 милиони евра, како што објавија. Ќе платат 27 милиони евра. И тоа само според достапните официјални информации.
Манчевски на денешната прес-конференција ги презентираше 4-те договори-документи од Бирото за јавни набавки што ја оформуваат вредноста од 27 милиони евра пари на граѓаните за Кулата на Водно.
„Внимавајте, само за изработка на проектот дадени се 200 илјади евра. Еве го тој договор. Склучен на 3 август 2012-та година. После 6 ипол месеци од овој договор, направен е друг. За ревизија на истиот проект. За ревизијата се дадени 48 илјади евра. 250 илјади евра отишле кај две фирми со договор во 4 очи. Еве ги договорите. Вид на постапка: Со преговарање без претходно објавен оглас“, рече Манчевски.
– Тоа што тежи 17 милиони евра е Договорот за изградба на антенски систем за контрола и мониторинг на радиофрекфенции. Договор со градежната фирма Гранит. Но има и уште еден Договор за софистицирана електронска опрема. Во вредност од 9 милиони евра.
– Ова е кој знае кој пример по ред кога власта отстапува од соопштената вредност пред граѓаните на Македонија, а таа отстапка е во милиони евра. Не во стотици, или илјадници, туку во милиони евра, истакна Манчевски.
СДСМ им укажува на Груевски, на Агенцијата за електронски комуникации и на сите инволвирани во подигањето на Кула на Водно, вредна според овие договори 27 милиони евра, дека граѓаните имаат право да знаат каде одат нивните пари и за која намена.
СДСМ ги повикува Груевски и Агенцијата за електронски комуникации:
– Да соопштат дали има уште некој договор за Кулата што не е на страницата на Бирото за јавни набавки, колку точно ќе чини Кулата и посебно важно и што ќе мониторира 27 милионската Кула на Груевски, на Водно?!




