Промени на дел од партиските кадри, но и на оние во извршната власт, за ова се очекува да се расправа но и да се донесат одлуки на на денешната седница на Централниот одбор на СДСМ. Како што објави ТВ21, неофицијално, покрај директори на јавни претпријатија кои не ги исполниле очекувањата, сменети ќе бидат и пет до шест министри.
Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, пред неколку дена објави дека ги разрешил сите 78 претседатели на општинските организации и многу е веројатно дека денеска ќе биде опфатена повисоката партиска структура, пишува ТВ21.
Заев по првиот круг од претседателските избори, во кој разликата помеѓу кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ беа многу мали, најави дека ќе „заигра метлата“ во извршната власт, односно дека некои министри ќе бидат сменети.
Најавите за промени дојдоа со неконкретен датум, но најверојатно тоа ќе се случи на почетокот јуни.
Заев веќе оствари средба со својот коалиционен партнер од ДУИ, Али Ахмети. Неофицијално, Заев инсистирал Садула Дураку, министерот за животна средина да биде сменет, а премиерот бил спремен на Ахмети да му го предаде Министерството за транспорт и врски со што би бил сменет министерот Горан Сугаревски, кадар на СДСМ.
Другите кадри на ДУИ во Владата, вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за економија Крешник Бектеши и министерот за образование Арбен Адеми, според изворите на ТВ21 би требало да останат на функцијата.




