СДСМ објави јавен повик на кој ги повикува сите заинтересирани да поднесат кандидатура за Претседател на државата. Кандидатот, според партискиот оглас треба да ги исполнува следниве услови:да е личност со висок општествен углед, да биде способен за извршување на високи државнички функции, да ужива доверба на членството и симпатизерите на СДСМ и да биде личност која на најдобар начин ќе ја оживотворува политиката на СДСМ и ќе работи на реализација на стратешките приоритети на Република Македонија: полноправно членство во НАТО и ЕУ, како и меѓународна афирмација и промоција на Република Македонија.
Јавниот повик е отворен до 19 февруари. Во јавноста како најсериозни кандидати од СДСМ се споменуваа: Стево Пендаровски, Радмила Шеќеринска, Оливер Спасовски и Никола Димитров. Ниту еден од нив досега не ја потврди својата кандидатура.
ВМРО ДПМНЕ на 16 февруари на Конвенцијата во Струга ќе го избере својот кандидат за претседател од оние кои се пријавија на огласот што заврши на 31 јануари.
На огласот меѓу пријавените е и професорката Гордана Силјановска и пратеникот Владимир Ѓорчев кои според партиски извори се најсериозни кандидати за претседателската кандидатура од ВМРО ДПМНЕ.
ДУИ најавија дека на претседателските избори најверојатно ќе настапат со свој кандидат. Самостоен настап на изборите најавија и од Алијансата за Албанците на Зијадин Села.
Претседателските избори ќе се распишат на 8 февруари.




