Коалицијата „Сојуз за иднината“ предводена од СДСМ денеска одржа протестот пред Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Ленче Николовска од коалицијата „Сојуз за иднината“ обвини дека постојат малверзации и криминал во делењето субвенциите за земјоделците и оти тие се распределуваат на партиски членови.

– Никој точно не знае колку субвенции се исплаќаат и на кого се освен власта. Исто така, прашуваме каде се 100 милиони евра субвенции за 2012 година кои редовно се донесоа со буџетот за 2012. Ниту еден земјоделец се уште нема земено денар субвенции. Доцнејќи со исплатата тие фактички повторно украдоа 100 милиони евра, рече Николовска.

Како примери за злоупотреба со субвенциите ги посочи градоначалникот на Демир Капија, претседателот на Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Битола, братот на Миленко Неделковски и портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.