Според СДСМ, неодговорноста на дополнителниот заменик министер Диме Спасов е олицетворение на врвот на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
– Наместо извинување и преземање одговорност, дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика Диме Спасов веќе четврти ден се крие од јавноста, надевајќи се дека неговото дивеење наскоро ќе биде заборавено. Наместо да понесе одговорност, директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски, чие службено возило Спасов го злоупотреби за дивеење по скопските улици, и тој се впушти во бранење на злоупотребите. Тоа уште еднаш докажа дека во врвот на ВМРО-ДПМНЕ – сите се Диме Спасов, се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму велат, случајот во кој заменик – министер со службен автомобил земен од туѓа институција и надвор од работно време, во доцните вечерни часови, предизвика сообраќајни несреќи низ скопските улици, а потоа, според МВР, бегал од полицијата – мора да добие разрешница.
– Случајот во кој за само една вечер се направени неколку кривични дела и се вмешани две државни институции мора да биде расветлен што поскоро. И Диме Спасов и Влатко Поповски мора да сносат и правна и политичка одговорност. Помина времето кога послушниците на Груевски минуваа неказнето за нивните испади. За сите кои го прекршиле законот во овој, но и во други случаи одговорност мора да има и ќе има, децидно тврди политичкиот субјект СДСМ.