Сашо Тодоровски, портпаролот на СДСМ Куманово, го повика денеска министерот за здравство Никола Тодоров да ја посети ЈЗУ Општа Болница Куманово.
„Иако грејната сезона е започната уште пред скоро месец дена за кумановската болница тоа правило не важи. Пациентите не можеа да се стоплат ниту со ќебиња донесени од дома, а вработените со смрзнати раце и во ладни простории работеа и спасуваа човечки животи“, истакна Тодоровски.
Вака ли се чува здравјето на граѓаните на општина Куманово, праша тој. Министре, кажете колку средства одвојувате за проектот Дисперзирана Клиника и колку средства одвојувате за исплата на овие лекари кога истите немаат апаратура на која што треба да работат?
„Апаратурата ја има само во вашите рекламни спотови платени од народни пари.
На одделот Гинекологија и Акушерство нема ниту еден ултразвучен апарат(новиот е расипан уште од јуни 2013 и нема ниту назнака дека ќе биде поправен, а другите два се полуисправни) и вие ни зборувате за инвестиции во здравството. Кого лажете?“, рече портпаролот на СДСМ Куманово.
Онаму каде што секој ден се раѓаат нови животи, се работи во супстандардни услови каде нема ниту Е од вашето европско здравство, рече Тодоровски, кој ги постави следните прашања:
– Примате лекари без положен државен испит, тукушто дипломирани, без ниту еден ден работно искуство. Зарем оваа не е срамно. Кој ќе ја понесе одговорноста?
– Во болницата која се грижи за здравјето на околу 150. 000 жители секојдневно има недостаток на основни средства за работа(дезинфициенси, игли, вата) Дали со оваа се докажува домаќинското работење за кое Вие толку се залагате и го нагласувате?



