По прес конференцијата на Петре Шилегов за Сашо Мијалков ВМРО-ДМПНЕ се огласи со реакција на која одговор испрати СДСМ. Во него се вели дека “токму институциите на системот што ги раководи и целосно ги контролира ВМРО ДПМНЕ во континуитет го оценуваат начинот на работење на Зоран Заев и неговото семејство како согласно според сите законски прописи во Република Македонија.
И покрај натчовечките напори преку постојани контроли и закани да извршат притисок врз Зоран Заев и неговото потесно и пошироко семејство, властите не успеаја да констатираат ниту еден единствен случај на незаконито работење во Општина Струмица.
За Зоран Заев, ВМРО ДПМНЕ го даде одговорот на сите прашања што ВМРО ДПМНЕ ги поставува. ВМРО ДПМНЕ докажа дека Зоран Заев работи законски!
Клучниот проблем е што сега, ВМРО ДПМНЕ со натчовечки напори се обидува да докаже дека и Сашо Мијалков работи согласно законските прописи.
Но, во случајот на Мијалков, партиските институции на ВМРО ДПМНЕ не спроведуваат истрага. Не се осмелуваат ниту името да му го спомнат, а камо ли да проверат, на пример, дали на Мијаков математиката му е толку слаба страна, па ,,технички” згрешил за 700-тини или повеќе илјади евра и тоа при проценка на сопствениот имот.
Или зошто Мијалков не може да се одлучи во кој имотен лист ги згрешил нулите?
Згрешил во евра или во денари?
Колку нули згрешил?
Колку фирми купил Мијалков во странство, а сметал дека нема потреба да ги пријави? И како тоа директорот на УБК со таква леснотија паралелно води приватен бизнис и тоа во странска држава?
Ова се прашањата на кои институциите на ВМРО ДПМНЕ не смеат да му одговорат на ВМРО ДПМНЕ.
Зошто, ако ја кажат вистината, како кула од карти ќе се сруши митот за чесноста и посветеноста во работењето на Никола Груевски и неговото потесно и пошироко семејство.
Затоа државните институции Никола Груевски ги стави во улога на адвокати на Сашо Мијалков.
Затоа нема истрага за Сашо Мијалков.
Токму затоа сме сведоци на параноја, очај и медиумска агресија врз опозицијата. За да се избегне одговорноста, од која бегање нема”, се вели во одговорот на СДСМ.




