„Завршната сметка за буџетот за 2012 година веќе е задоцнета речиси 3 месеци. Тоа претставува прекршување на законот. Заради избегнување на ваквата практика во иднина, а во услови на целосно отсуство на политичка и морална одговорност од страна на оваа влада, СДСМ го повторува ставот за потребата од кривично санкционирање на ова дело во иднина“, истакна на Ванчо Узунов, потпретседателот на СДСМ.
Според него, согласно податоци објавени на официјалната интернет страница на Министерството за финансии, буџетскиот дефицит во 2012 година е поголем од дозволениот за над 90 милиони евра – долг направен без „дозвола“ од Собранието. СДСМ смета дека и за тоа треба да постои кривична одговорност.
„СДСМ ги повикува пратениците да не ја прифатат завршната сметка за буџетот за 2012 година“, изјави Узунов.
Тој истакна дека за ребалансот на буџетот за 2013 година, добро е што Владата ја послуша опозицијата и направи ребаланс. Тој е неопходен, како што укажавме уште пред 3 месеци.
Сепак ребалансот за годинава потврдува дека Владата нема намера да се откаже од своите намери за раскалашено трошење на огромни суми пари на граѓаните.
Оваа политика на Владата единствено претставува продолжување на политиката на задолжување на државата. Затоа, СДСМ го повторува прашањето: Дали некој во оваа Влада воопшто има совест ? Свесни ли се дека задолжувањата, на долг рок, ја водат државата директно во финансиски колапс?




